Увозот на енергенси е главен катализатор на трговскиот дефицит кој е сериозен предизвик за одржување на девизниот курс на денарот. И го притиска како никогаш досега. Нето увозот на фосилни горива изнесува 1,77 милијарди евра и за него немаме замена. Само тој креира речиси половина од целиот трговски дефицит. Заради галопирачките цени на берзните во споредба со 2021 година пораснал за 900 милиони евра.
Најновиот статистички извештај за националната трговска размена покажува солиден раст на извозот, но кога ќе се види тежината на увозот на горива излегува дека ова е пирова победа.

Збирните податоци достапни на државниот Завод за статистика, кому во овој случај јавно му честитаме за ажурноста во објавувањето на годишни податоци, покажува дека „крвната слика“ на македонската економија покажува сериозни нарушувања предизвикани од галопирачките цени на нафтените деривати лани на европските и на глобалните берзи. Нашата економија страда од дијагноза „нафтопедија“.
Токму таа „нафтопедија“ го анулира прогресот на извозот кој е очигледен и е за поздравување во пост-кризна година како што беше 2022.
Нето увозот на горива изнесува 1,77 милијарди евра. Само за споредба за нештата да станат јасни ќе ги ставиме во рамка. Во споредба со 2021 година нето увозот на нафтени деривати е зголемен за двојно. Тогаш бил помалку од 900 милиони евра, а лани е поголем за речиси 900 милиони евра и достигна 1,77 милијарди евра.
Тоа директно влијае и на дупката во трговската размена на Македонија со светот. Таа лани изнесува 20,4 милијарди евра. Од тоа увоз е 12,12 милијарди евра и тој во најголема мерка благодарејќи на цените на фосилините горива е зголемен за 26 отсто. Извозот лани вреди 8,3 милијарди евра и е зголемен за 20 отсто.
Поразително е тоа што увозот на горива е трета најголема ставка. Аналитички гледано всушност е најголема увозна ставка. Затоа што поголеми се само увозот на стоки класирани според материјал што значи стоки за широка потрошувачка. А речиси на исто ниво се увозот на горива со целиот увоз на машини, возила и транспортни средства.