„Реформите во државната администрација на с.Македонија треба да се вршат, согласно со принципите на Охридскиот договор, кои се следат при усвојувањето на законите во земјата. Сепак, сè уште постои неизвесност кога станува збор за целосна примена во праксата. Неодамна некои вработени во Министерството за одбрана изјавија за ‘Гласот на Америка’ за нивните поплаки за дискриминација врз етничка основа. Висок функционер на Министерството ги негира овие обвинувања.“ – објави Редакцијата на албански јазик на „Гласот на Америка“.
Редакцијата на албански јазик на „Гласот на Америка“ пишува: „Мухаедин Бела, полковник во Армијата на с. Македонија и вработен во администрацијата во Министерството за одбрана, во интервју за ‘Гласот на Америка’ вели дека Албанците не се застапени во раководните армиски структури и во структурите на Министерството за одбрана во согласност со законите, што произлегуваат од Охридскиот договор. Тој нагласува дека Албанците во ова министерство, но и во армијата, се соочуваат со пречки во однос на напредувањето во кариерата. Во меѓувреме, тој поднесе тужба до судот против веќе Радмила Шеќеринска, поранешниот министер за одбрана и уште двајца функционери поради дискриминација. ‘Во Министерството за одбрана од 15 државни советници само еден е Албанец. Од 18 раководители на сектори ниеден не е Албанец. Од 77 секции само една е албанска. Од 13 баталјони и 7 центри во само три команданти се Албанци. Процентот во специјалните единици е многу мал: ми се чини дека сега стана околу 4 проценти. Јас сум автор на ‘Планот за правична и соодветна застапеност’, составен во периодот 2012-2015 година, кој предвидуваше се да биде завршено до 2015 година.’ – вели Мухаедин Бела.“
„Бела вели дека во армијата, од деветте сектори, или специфични оддели во Генералштабот, од Ј-1 до Ј-9, како што се познати во воената терминологија, само со еден раководи Албанец. Но, заменикот – министер за одбрана Башким Хасани во разговор со Гласот на Америка вели дека тврдењата на Мухаедин Бела се политички поттикнати. ‘Во Министерството за одбрана бројот на државни советници не е 15, туку е 5. Еден од овие 5 државни советници е и Мухаедин Бела, човекот кој не обвинува за наводна дискриминација. На 16 позиции на раководители на сектори веќе се поставени 15 раководители, со овластувања, и 4 од нив се Албанци.“
„Сепак, се чини дека постои нејасност околу бројот на раководители на сектори во Mинистерството за одбрана. На веб-страницата на Министерството од 18-те имиња, кои што се наведуваат, се чини дека двајца се Албанци, додека повеќето од нив на овие позиции се овластени, што значи привремено вршење на должноста. Мухаедин Бела вели дека е кривично дело поставувањето овластени лица на чело на секторот се додека има раководители суспендирани од овие позиции.“
„Заменик – министерот Хасани напомнува дека пополнувањето на овие позиции не зависи само од политичката волја, која постои, туку и од почитувањето на правилата и законите; оти Правната регулатива не дозволува дискриминација врз етничка основа, бидејќи при отворањето на конкурсот еден механизам за балансирање врз етничка основа одредува колкумина треба да бидат ангажирани од Албанците, кои конкурирале, а колкумина од оние што конкурирале од другите заедници. ‘На последниот конкурс за административци во Министерството за одбрана од пет примени на работа двајца се Албанци и не само што се Албанци, туку тие се и подготвени, квалификувани.’ – вели Башким Хасани. Тој додава дека успешната интеграција на с.Македонија во воените структури на НАТО говори за посветеноста на земјата, бидејќи принципите на Алијансата, според него, не дозволуваат дискриминација од каков било вид.“
„Мухаедин Бела истакнува дека Министерството го попречува унапредувањето на вработените во ова министерство и унапредувањето на офицерите во воени чинови. Тој се повикува на Планот усвоен во Парламентот, произлезен од Охридскиот договор, и кој предвидува унапредување, зголемување за 35 проценти од претставниците на немнозинските заедници, односно на 25 отсто од Албанците, во Министерството за одбрана и во армијата. ‘Според Уставот, Законот за одбрана, Законот за служба во армијата, како и Стратегијата за одбрана, предвидено е движењето, унапредувањето на немнозинските етникуми да се врши не само хоризонтално и квантитативно, туку и вертикално и квалитативно. И ние имаме кадар, можеби недоволно, но се поставува прашањето: зошто тоа не е направено досега?’ – прашува Мухаедин Бела.“
„Но, заменик – министерот за одбрана Хасани вели дека врз основа на структурата и организацијата на Армијата Албанците се застапени во воената хиерархија со 50 проценти и оти покрај ова тие се подготвени и совесни. ‘Чинот генерал не го дава министерот за одбрана или некој друг во Министерството, туку го дава претседателот на државата. Во армиската хиерархија има четири команди, меѓу кои се и Базата за логистика, која ја предводи Албанец (Мухарем Мухареми), и Командата за операции, една од Топ-1 во воената хиерархија, предводена од генералот Бесник Емини.’ – укажува Хасани.“
„Мухаедин Бела продолжи со своите поплаки по институционален пат, информирајќи за тоа цела серија институции во земјата и меѓународни канцеларии за она што тој го смета како неправда и дискриминација. Исто така, и други вработени, анонимно за ‘Гласот на Америка’ се жалат на неправилности, дискриминација; за неоценување на нивниот придонес во Министерството за одбрана. Тие имаат поднесено претставки до Комисијата за заштита од дискриминација. Полковник Бела веќе ја тужеше во суд поранешната министерка за одбрана Радмила Шекеринска и уште двајца други претставници на Министерството. Тужбата е поднесена пред речиси две години, но судовите не го процесуираат предметот. Канцеларијата на народниот правобранител, која е заинтересирана за случајот, од Основниот суд добила одговор дека ‘оддолжувањето на процесуирањето на предметите поврзани со правата на работното место е поради недостигот на судии“.
„Во текот на две години ми беа одредени четири подготвителни седници (во судот), но ниедна не е одржана, а од друга страна ми се сменети 5 судии.’ – вели Бела. ‘Гласот на Америка’ побара од Радмила Шеќеринска, додека таа беше на функција, да се произнесе, но не доби одговор од нејзиниот кабинет. Сепак, состојбата во армијата и Министерството за одбрана не може да се спореди со состојбата од пред една деценија кога Албанците тешко достигнуваа до високите армиски чинови. Имаше двајца Албанци-министри за одбрана во периодот 2011 – 2014 година. Потребно беше време за практичното спроведување на а Охридскиот договор, но тој не се почитува насекаде. Од друга страна, Охридскиот договор видно ја зголеми застапеноста на заедниците во државните и јавните институции, иако не се исклучени случаите на неправда.“ – пишува Редакцијата на албански јазик на „Гласот на Америка“.
Home Македонија „Глас на Америка“: „Обвинувања за етничка дискриминација кон Албанците во Министерството за...