Скопските приватни превозници обвинуваат дека градските власти сакаат да ги исфрлат од бизнисот и да донесат странска фирма за големи провизии.

,,Сакаат да нè исклучат од јавниот превоз за да си склучат договор со приватна компанија и да си поделат дебели провизии”, порачаа на денешниот протест пред канцеларијата на градоначалничката Данела Арсоска приватните превозници во Скопје.

Денеска автобуси нема ниту за приградските населби, па во Скопје владее хаос.

„Јас сум уверен дека следува колапс на јавниот превоз. Имаме неофицијални информации дека се работи за некоја игра, прво сакаат нас да нè елеминираат од јавниот превоз за некој друг да го преземе односно некоја мултинационална компанија или фирма од соседството. Што ќе се случи тогаш, не смеам ни да помислам. Се спремаат за дебели провизии нас да нè исфрлат, рачето во медот, тоа сега е актуелно да се каже. Памтете ми го зборат, тогаш ќе му дадат и три евра за километар, само некој да си ја заврши работата, да се нафатира убаво и да има мирна пензија“, рече Кемал Муриќ, раководител сектор сообраќај и контола во „Слобода превоз“, кој 32 години како приватен превозник е дел од јавниот превоз.