Никола Ѓорѓиев му го донесе 14. трофеј на АХЦ Волеј Љубљана од Купот на Словенија во одбојка, каде што капитенот на македонската репрезентација беше најдобар играч во финалето во Велење, во кое неговиот тим славеше со 3:2 во сетови против Калцит Камник.
Најдобриот македонски одбојкар запиша 27 поени, од кои 23 во напад, две асистенции и две блокади, над двојно повеќе од соиграчот Конциља (13), како и убедливо подобро од најкорисниот противнички играч Соса Сиера (19).
Формата на Ѓорѓиев е добар знак пред Европското првенство чиј соорганизатор е Македонија од 18 август до 16 септември, а арената „Борис Трајковски“ ќе биде домаќин на натпреварите од групата Ц, во која „црвено-жолтите“ за противници ќе ги имаат Црна Гора, Полска и Холандија.