Првиот човек на македонскиот тим од Мешовитата комисија за историски и образовни прашања, Драги Ѓоргиев, во синоќешното гостување на Телма, изјави дека замрзнувањето на работата на комисијата на одреден период не би значело ништо, а можеби би придонело многу повеќе за другите работи меѓу Македонија и Бугарија да тргнат напред.
„Доколку во овој момент историската комисија прави проблем на патот по кој се тргнати двете влади, да се релаксира политичката атмосфера, јас би бил согласен работата на комисијата да се замрзне“, рече Ѓорѓиев.
„Година, две, да се замрзне работата на комисијата бидејќи повторно е чуството дека таа комисија создава проблеми преку препукувањата наши во јавноста. Ако навистина се сака да се постигне некаков напредок меѓу Македонија и Бугарија на сите други нивоа, тоа и не би била толку страшна одлука, бидејќи ние 70 години сме во историографски конфликт со Бугарија.
Година или две замрзнување на работата на оваа комисија не би значело ништо, а можеби би придонело многу повеќе да тргнат другите работи напред“, рече Ѓоргиев.