„Колку што колегата (Ангел) Димитров (шеф на бугарскиот дел од македонско-бугарската експертска комисија за историски и образовни прашања-н.з.) може да каже дека Делчев е Бугарин, исто толку јас можам да кажам дека тој е Македонец. Изјвата повеќе ја гледам како поентирање во бугарската јавност во смисла дека ете ние сме на таа национална позиција: Делчев е Бугарин, Илинденското востание е бугарско. Ние не отстапуваме од таа позиција и Македонците мора да го признаат тоа.

Доколку тоа е така, тогаш тоа не дозволува простор за суштински разговор и не води кон ефективна работа на Комисијата“ вели Драган Ѓоргиев, директорот на Институтот за национална историја, професорот Драги Ѓоргиев во интервју за МИА.

Интервјуто доаѓа во пресрет на четвртиот состанок на Мешовитата македонско-бугарска експертска комисија за историски и образовни прашања формирана согласно Договорот за добрососедство што ќе се одржи на 19 и 20 февруари во Скопје на која ќе се расправа за можноста за заедничко чевствување на историски личности и настани како цар Самоил, Гоце Делчев, Илинденското востание…

Ѓоргиев вели дека Делчев е споделена личност меѓу македонската и бугарската и историографии и истории. Постојат документи во кои Делчев самиот се изјаснува како Бугарин, меѓутоа, исто така, постојат и документи во коишто пишува дека тој е Македонец.

„Доколку ние се зафатиме како Комисија да докажуваме дали Делчев бил Бугарин или Македонец тогаш нема никаде да стигнеме, бидејќи тоа беа дискусиите помеѓу македонската и бугарската историографска елита во изминатите 60-70 години, да докажуваме кој е Бугарин кој е Македонец“, вели Ѓоргиев.

Директорот нагласува дека Делчев е роден во Македонија, живее и се бори за независна или за автономна Македонија, член е на внатрешна организација која Македонија како територија ја претвора во татковина на тие луѓе што живеат тука и од тој аспект, ретко може да се најде поголем Македонец од него.

Делчев е сигурно една од најголемите македонски национални легенди.

Извор: МИА