Амбасадорот на Европската унија во Македонија, Дејвид Гир, не гледа со наклонетост кон иницијативата на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за референдум за Договорот за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија.
„Добрососедските односи се суштински дел од пристапниот процес и ЕУ неколку пати кажа дека Договорот за добрососедство со Бугарија, како и Преспанскиот договор, мора да се имплементираат во добар дух од сите. Секоја иницијатива што би можела да биде назадување и со тоа да го попречи патот на земјата во ЕУ-интеграциите, навистина би требало да се избегнува. Затоа, да се фокусираме на клучното прашање, а тоа е самиот пристапен процес“, го прокоментира Гир во интервју за „360 степени“ тврдењето на опозицијата дека Договорот со Бугарија е основа на бугарските националистички барања и извор на сите проблеми за Македонија.