Фудбалската репрезентација на Македонија ја оправда фаворитската улога против Гибралтар со триумфот од 4:0 во Скопје за заверување на првото место во четвртата група од дивизијата Д во Лига на нации, кое ја остави во трка за историски пласман на Европско првенство.
Двата гола на Илија Несторовски и по еден на Енис Барди и на Александар Трајковски им донесоа на „црвено-жолтите“ пласман во дивизијата Ц и во разигрувањето за единствената виза од дивизијата Д за настап на ЕП 2020.
Белорусија или Косово ќе биде ривалот на избраниците на селекторот Игор Ангеловски во полуфиналето, во кое Македонија ќе биде домаќин, а противникот ќе се знае по утрешното заокружување на групната фаза од првото издание на новото натпреварување на УЕФА.