Со фуриозни први триесетина минути во Скопје, фудбалската репрезентација на Македонија го декласира Гибралтар со 4:0 во Лигата на нациите и се врати во игра за плејофот во дивизијата Ц благодарејќи на ремито без голови меѓу Грузија и Бугарија во Тбилиси.

По четири одиграни кола „црвено-жолтите“ имаат 7 бода, три помалку од водечката Грузија, на која ќе ѝ гостуваат на 23 септември, кога ќе се обидат да го анулираат поразот од 3:0 во меѓусебниот дуел во четвртокот на Националната арена „Тоше Проески“.


Резултатот против Гибралтарците го отвори Енис Барди од слободен удар само по 4 минути игра, по што мрежата на аутсајдерот два пати ја погоди Бојан Миовски во 14 и 16 минута, а точка стави Дарко Чурлинов во 31. минута.

Разликата во класи ја отсликува и статистиката: Македонија имаше посед на топката од 67 проценти наспроти 33 отсто на 203. селекција на листата на ФИФА, како и многу повеќе упатени удари (21:5), од кои 9:3 во рамките на голот.