Новинарот Бранко Героски вели дека никој не ги демантирал фактите што порталот „Плусинфо“ ги објави вчера за „обидот за преврат во СДСМ, што е во тек“ од страна на екс-премиерот Зоран Заев.

Плусинфо: Заев тргнал да го урива СДСМ

„Плусинфо“, дознава дека поранешниот партиски лидер Зоран Заев со сите сили се обидува да ги поткопа позициите на неговиот избраник Димитар Ковачевски и за таа мисија бара сојузници на сите страни, дури и во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.

Заев смета дека СДСМ ќе ги изгуби изборите ако не преземе некакви драстични промени и дека во случај на извесната победа, вмровците „ќе ги влечат сдсмовците по улици“ и затоа наводно предложил план:

-Одржување итни предвремени парламентарни избори, после кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во наредните осум години. Премиер да биде победникот на изборите.

-Eлиминирање на ДУИ и на Али Ахмети од Владата. Заев рекол дека на Албанците треба да им се овозможи 25-процентно присуство во Владата, но тоа да не биде ДУИ на Али Ахмети. Во расправата подоцна, Филипче се согласил со можноста и ДУИ да влезе во Владата, но Заев останал на своето.

-Eлиминација на претседателот Стево Пендаровски. Доколку СДСМ го добие премиерскиот мандат, идниот шеф на државата да биде од ВМРО-ДПМНЕ.

Во денешното продолжение „Плусинфо“ меѓу другото пишува:

„Пендаровски стана претседател на Македонија во 2019 година, како консензуален кандидат на СДСМ, на ДУИ и на повеќе други политички партии. Следните претседателски избори во редовниот термин би требало да се одржат во 2024 година, значи заедно со парламентарните во редовниот термин. Но, ако се оди на предвремени парламентарни избори, на влада ВМРО – СДСМ и на елиминација на ДУИ на Али Ахмети, како што предвидува планот на Заев, логично е да се оди и на елиминација на Пендаровски и на предвремено претседателски избори.

Како што рековме на почетокот, два независни извора блиски до раководството на СДСМ на Плусинфо му кажаа кого планира Заев за заеднички кандидат на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за шеф на државата. Верувале или не, кандидатот е – Зоран Заев!

Редно е да го кажеме и тоа дека трет извор, исто така близок до раководството на СДСМ, тврди дека ова сепак е спин, насочен против планот на Заев.

Спин или не, оваа тема уште еднаш води кон прашањето дали е можно Заев да е во договор со Христијан Мицкоски, кого наводно го држел „в рака“, како што се фалел.

Плусинфо ги провери овие наводи во раководството на ВМРО-ДПМНЕ олд каде добиле одговор дека немало средба меѓу Христијан Мицкоски и Зоран Заев и разговори за поделба на извршната власт после изборите.

„Но, симптоматично е тоа што сепак имало обиди на Заев да му пристапи на Мицкоски…“ пишува Плусинфо.