Героски: Кој се вознемири од „Ваташа“ на „Златна бубамара“!!

Сведоци сме на нов обид за негирање и релативизирање на воено злосторство, нов говор на омраза и акт на вознемирување на јавноста, но овој пат не од бугарската, туку од пропагандата која се легитимира како поддржувач на владата на СДСМ.  

Грозно и тажно! – пишува новинарот Бранко Героски во колумна за „Плусинфо“ во врска сои негативните реакции на перформансот на последното издание на “Златна бубамара“.

„Една посебна изведба на Андријана Јаневска на познатата песна „Ми заплакало селото Ваташа“. И стиховите на песната „Цветови“ од Славко Јаневски, во изведба на Игор Џамбазов…

Ете, тоа ги надразнило кучињата на пропагандата. Тие би сакале песната повеќе да не се изведува, а стиховите на Славко Јаневски да не се рецитираат. Не би ме чудело веќе да се избришани од учебниците…

Инаку, не е прв пат да се спори за масакрот во Ваташа. Имало и порано неранимајковци кои се обидувале да го оправдаат ова злосторство, со тврдењето дека штом децата биле скоевци, тие биле легитимна цел, без оглед што биле невооружени цивили.

Така бедно не се бранел ни полковникот Апостолов, наредбодателот на ова злосторство!

И секако, не е прв пат кучињата на пробугарската пропаганда да го експлоатираат фактот дека полковникот Апостолов бил од Крива Паланка. Дека бил Македонец. З

амислете, сите наши предци биле Бугари, а и ние самите сме „неосознаени“ Бугари, само тој ѕвер во бугарска фашистичка униформа, кој командувал на регуларна единица на бугарската војска која го извршила масакрот, е само тој бил Македонец!?

За да се каже дека Македонец убил Македонци, јасно.

Ете така резонираат кучињата на пропагандата“.

Ваташа е воено злосторство и никогаш никој не се извинил за тоа злосторство, потсетува Героски.

„Велам, за сево ова некогаш се расправавме со нашите бугараши. И некако, тоа си имаше смисла.

А ете, денес за ова се расправаме со пропагандата којашто се легитимира како поддржувач на владата на СДСМ. Има ли тоа смисла?

Не знам, СДСМ треба да си каже. Молкот е оправдување.

На бултериерите на таа пропаганда им пречат една песна и едни стихови, им пречи секое потсетувањето на масакрот во Ваташа.

Тие се полоши од софиската пропаганда. Софијанците барем ќе почекаат до јуни, кога е времето за кавгите за Ваташа.

Нашиве антимакедонци не чекаат, тие веднаш скокаат како попарени…“