Немам навика да „спорам“ со колеги-новинари кога се во прашање политичките проблеми во напатената земја.

Понекогаш, признавам, се забавувам со глупоста која извира од политичкиот дилетантизам на „Цивил-Фронтлајновците“ или го сожалувам Тричко, но тоа е повеќе релаксирање кое не предизвикува особен интелектуален напор.

Бранко Героски е нешто сосем поинакво, еден од најдобрите новинари во Македонија и секоја негова јавно искажана мисла има своја, особена тежина.

Туку, да преминам на главното. Во колумната со наслов „Како да се отстрани најважната пречка Бугарите да станат дел од македонскиот Устав?“ објавена на неговиот „Плусинфо“, Героски изнесува добра идеја за релаксирање на односите со источниот сосед, а која во основа ја има неопходноста Бугарите (тие во Бугарија и уште повеќе, оние во Македонија) да ја прифатат реалноста за постеоње на засебна македонска нација, јазик и држава. А, за да покажат дека имаат макар минимум капацитет за такво нешто, глодурот предлага тоа да го сторат „на ист начин и во иста постапка каква што ќе биде неопходна да се промени македонскиот Устав“. Конечно, за да се оствари оваа чесна идеја Геровски го нуди следниот модел: Владата на СДСМ и на ДУИ треба да бара Народното собрание на Бугарија во полн капацитет да донесе акт со кој јасно и недвосмислено ќе декларира дека ги признава македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската држава, нивната посебност и самобитност. Притоа апелира Владата итно да го постави ова барање во разговорите со бугарската Влада и со нашите партнери од Европската Унија.

Дали ова ќе биде доволно за македонските граѓани доброволно да ја голтнат промената на Уставот не сум сигурен. А Бугарија би треало да покаже многу поголема широкоградост за во догледен рок воопшто да размислуваме за стекнување на доверба во нивите цели и намери, по се што ни приредија во последните години.

Но, предлогот на Героски го спорам од еден сосем поинаков аспект. Имено, Бугарија нема никаква намера и не гледам зошто воопшто би се нафатила на „ризик“ да направи пријателски потег кон нас во ситуација кога за тоа нема потреба.

Бугарското општество со години е „настрвувано“ да верува дека кршењето на Македонците е сосем извесно и само прашање на стил и начин е како тоа да се оствари. Поради тоа, тешко дека тамошната политичка елита ќе си дозволи луксуз да влегува во, за нивни услови, непопуларен чекор.

Второ и многу важно, на примерот со Грција Бугарите научија дека времето работи за нив и дека никој отстрана нема суштинси да се вмеша во корист на Македонија, туку напротив притисокот по правило, иако во ракавици, секогаш ќе биде насочен кон Скопје.

И трето, за целава приказна најважно, оваа и ваква власт во Македонија нема ниту сила, ниту знаење, ниту храброст а по се изгледа ниту желба вистински, принипиелно да ги брани позициите на народите кои ги преставува. Напротив, подготвени се, а тоа се покажа многупати, на секакви отстапки и повлекувања пред посилниот, дури и тогаш кога таквите чекори ја фрустрираат целата нација. Значи, да заклучам, Героски предлага нешто кое под оваа Влада не може да се оствари.

Претпоставувам дека тој го послушал советот на германскиот претседател Штајнмаер кој среде Скопје порача дека дебатата за тешките прашања околу националниот идентитет, македонската историја, јазик и култура правилно е да се води со емоции, страст и самодоверба. И тоа е во ред, секако дека ќе ги водиме, како што тоа го правевме и пред тоа да ни го каже Штајнмаер.

Но, едно е дебата, а сосем другу соочвање со реалноста дека со оваа Влада тоа ќе остане во доменот на пустите желби. И ова не е политичко навивање, бидејќи со право се прашувам на каков начин ќе игра следната влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ кога ќе излезе на теренот спроти Бугарија.

Не, овде се работи за прост факт, здрава логика заснована на континуирано искуство. И тука нема што понатаму да се додаде освен дека треба да се подготвуваме за времето по изборите. Кога и да се случат.

Драган Милосављевиќ