Героски до Божиновски за хајката од мегафоните на СДСМ: Ич не се плаши и удри по нарачателот, не само по извршителите

Новинарот Бранко Героски, кој се најде во немилост на власта предводена од СДСМ по откривањето на аферата „Рекет“, го советува сценаристот Божидар Божиновски како да се постави кон мегафоните на владејачката партија, кои му се нафрлија по неговата жестока критика за нивниот молк за отворањето на клубот „Цар Борис Трети“ во Охрид.

„Божо, три совети од паталец:

Прво, ич не се плаши. Ова се кучиња што лаат, не касаат.

Второ, не се вознемирувај на тој начин што ќе се вртиш по секое куче што лае на улица. Уживај малку да те тролаат, нека ти годи, тоа е потврда на твојата надмоќ.

И трето, организирани се. Ова хејтање против тебе е нарачано. А тоа значи дека треба да удриш по нарачателот, а не само по извршителите“, го посоветува Божиновски под неговата објава на Фејсбук „суетниот новинар“ според поранешниот премиер Зоран Заев.

„Многу е едноставно – кој и понатаму ги поддржува СДСМ и Владата е соработник на фашизмот и ќе дојде ден кога така ќе биде суден. Не од суд“, е делот од ФБ-постот на Божиновски што го навлече гневот на поддржувачите на партијата на Димитар Ковачевски.