Шефот на германската дипломатија Хајко Мас ќе оди во двонеделен карантин поради средбата што ја имаше со неговата бугарска колешка Екатерина Захариева и нејзиниот заменик Петко Дојков во Берлин.

Бугарското МНР денеска соопшти дека Захариева е во самоизолација, а Дојков бил позитивен на КОВИД-19.

Во карантин ќе оди и министерот за Европа во германското МНР, Михаел Рот како и други вработени во министерството кои присуствувале на средбите.

Средби со Захариева имаа и Бујар Османи и Никола Димитров, но тие нема да одат во самоизолација.

Комисијата за заразни болести заклучила дека тие немале ризичен контакт во Берлин со бугарската делегација и нема да се издаде решение за изолација за ниту еден член на македонската делегација која присуствуваше на состанокот, соопштија од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) и од Министерството за надворешни работи.