Германскиот јавен медиумски сервис Дојче Веле на македонски јазик со анализа на случајот во кој новименуваниот директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ) Зарко Милошевски, спровел нова – обновена и проширена истрага за околностите во кои македонско државјанство добил контроверзниот Украинец Александр Онишченко, лице на листата на санкции на САД поради мешање во тамошните избори во 2016 година.

Оваа информација за Милошевски кој самиот е осомничен за издавање пасош за рускиот шпион вчера ја обелодени претседателот на државата Стево Пендаровски во интервју на ТВ Канал 5.


„Новиот директор на АНБ следната недела – во вторник или среда најдоцна, пред Нова година, ќе оди на реферирање пред собраниската комисија за контрола над службите, каде ќе презентира наоди од – да ја наречам новата истрага“, рече Пендаровски.

Дојче веле пишува дека претходниот директор на АНБ, Виктор Димовски за „случајот Онишченко“ првпат реферираше на затворена седница на собраниската Комисија за надзор над работата на АНБ и АР на 18-ти ноември. Тогаш пред медиумите изјави дека во интерната постапка се констатирало дека не се испочитувало последното ниво од безбедносната проверка. Но таа, за јавноста затворена седница остана незавршена, бидејќи беше прекината откако се утврди безбедносен пропуст: отчетот на Димовски тонски се емитувал на јутјуб-каналот на Собранието. Во врска со инцидентот, МВР спроведе истрага и извештајот го достави до Собранието и Основното јавно обвинителство Скопје. Во меѓувреме, на 14-ти декември за нов директор на АНБ беше избран Зарко Милошевски, а веќе на 15-ти декември беше закажана комисиска седница за да продолжи прекинатото реферерирање за „случајот Онишченко“. Но, тогаш таму не се појави претставник на АНБ.

Според она што синоќа го изјави Пендаровски, би можело да се заклучи дека се очекуваат нови наоди од интерната истрага пишува германскиот државен сервис.

„Знаете дека АНБ имаше истрага, знаете од кои причини со поранешниот директор тоа не беше одреферирано во Комисијата. Новиот директор дал задача, во формална смисла не знам – дали да се прошири или да се обнови целата постапка за тоа каде може да се лоцира одговорноста, зборувам само во системот на АНБ. И последните сознанија за тоа би требало тој да ги соопшти пред надлежната собраниска комисија. Не знам дали е завршена таа истрага, меѓутоа чув, ми кажаа, официјално бев информиран дека ќе сака да се направи, дали потемелна истрага, и да се откријат сите аспекти на постапувањето или непостапувањето на вработените во АНБ. И дека тоа ќе го презентира. Моја претпоставка е, бидејќи се работи за сензитивни информации во принцип, дека таа седница ќе биде затворена за јавноста“, рече Пендаровски кој потврди дека неколку амбасади, меѓу кои и американската, на билатерална основа се интересирале за овој случај.

„На Американците посебно им е битно и интригантно да расчистиме со овој случај, затоа што во 2016 година според нивните информации Онишченко се мешал во американските избори“, рече шефот на државата.

Притоа Пендаровски како што пренесува ДВ потврди дека Агенцијата за разузнавање (АР), која е под негова надлежност, а чија главна задача е да собира податоци и информации од странство кои се однесуваат за заштита на националната безбедност на државата, не била прашана по апликацијата на Онишченко за државјанство.

„До пред две, две и пол години прашуваа, сега за ова воопшто не прашуваа и ти не можеш да знаеш дали овој на шалтер поднел апликација за државјанство (..) Не можам да сфатам, како Агенција за разузнавање на земја членка на НАТО не е прашана“, рече Пендаровски по што германскиот медиумски сервис прашува: чија е одговoрноста?

Претседателот не сака да прејудицира по прашањето дали Виктор Димовски може да се изземе од одговорност за „случајот Онишченко“.

„Да го почекаме реферирањето на новиот директор во собраниската комисија, каде што тој најавува дека ќе презентира нови податоци во однос на таа, да ја наречам интерна истрага – испитување во однос на тоа кој што работел во АНБ во однос на случајот Онишченко. Можеби и не е завршена таа истрага, таа процедура, ако не е, тогаш најверојатно многу скоро ќе биде завршена. Од тој аспект и новиот директор ќе треба да каже каква е неговата улога, бидејќи имаше и такви медиумски извештаи дека и тој бил еден од потисниците на некакви согласности внатре. Така што, во рамки на тоа веројатно ќе се утврдува евентуалната одговорност и на претходниот директор“, рече претседателот, јавува Дојче Веле.

Целата информација на Дојче Веле