Германски гигант го прекина рекламирањето на Твитер: Маск ја отвори Пандорината кутија

Откако Илон Маск го купи Твитер пред неполн месец, проблемите не престануваат. Освен што на големо се пишува и зборува за неговите контроверзни потези, како масовното отпуштање и наплата на проверени сметки, на ред дојдоа и огласувачите. Имено, сè повеќе компании се повлекуваат од Twitter, барем привремено, а GM прв го стори тоа.

Во меѓувреме, најбогатиот човек на светот наиде на различни предизвици за да ги убеди останатите „големи играчи“ да останат на платформата, а се чини дека неговите постапки ја отворија Пандорината кутија.

Имено, сега се огласи и германскиот производител на автомобили, Ауди, кој до понатамошно известување ги прекина сите активности на Твитер. Ова го објави германскиот весник Wirtschaftswoche, повикувајќи се на сигурни извори од компанијата.

Фолксваген, кој е сопственик на Ауди заедно со брендовите VW, Seat, Cupra, Lamborghini, Bentley, Ducati и Porsche, на почетокот на неделава соопшти дека им препорачал на сите компании што ги поседува да го паузираат платеното рекламирање на Твитер до понатамошно известување.

Ауди не беше веднаш достапен за коментар, а компанијата нема твитано од 1 ноември, што го правеше речиси секој ден дотогаш.