Германскиот министер за економија Роберт Хабек во неделата изјави дека Германија ќе ја ограничи употребата на гас за производство на електрична енергија поради стравувањата од можен недостиг во зима предизвикан од намалените испораки на природен гас од Русија, пренесе Асошиетед прес.

Германија се обидува максимално да ги наполни складиштата за гас пред зимските месеци, кога гасот е повеќе потребен како гориво за греење.

Хабек рече дека Германија ќе се обиде да го компензира овој потег со зголемување на употребата на јаглен.

„Тоа е непријатно, но во оваа ситуација потребно е само да се намали потрошувачката на гас“, рече тој.