Околу 7.000 граѓани повторно протестираа во неколку покраини на истокот на Германија против енергетската политика на владата, инфлацијата и последиците од војната во Украина.

Демонстрантите излегоа на улиците во повеќе од 15 градови во покраината Мекленбург-Западна Померанија, покажуваат првите полициски податоци објавени синоќа.

Демонстрантите побараа енергетска политика и трошоци за живот кои граѓаните можат да си ги дозволат.

На неколку протести граѓаните бараа мировни преговори, стопирање на испораката на оружје за Украина и повлекување на санкциите воведени кон Русија поради нејзината воена инвазија на Украина.

Во Магдебург демонстрантите носеа плакати со пораки „Стоп за лагите за снабдувањето со гас“, „Нема да го спасиме целиот свет“ или „Стоп за ценовните експлозии за мир, слобода и просперитет“.

Протестите неодамна добија замав во Германија, особено во источниот дел на земјата. Според проценките на полицијата, повеќе од 100.000 луѓе протестираа на 3 октомври, Денот на германското единство.