Германија: Израел го користи правото на самоодбрана

Германскиот министер за надворешни работи Хајко Мас денеска е во посета на Изрел.

„Сметаме дека сè што прави Израел (во појасот Газа) е опфатено со правото на самоодбрана“, кажа Мас на заедничката конференција за новинари во Тел Авив со израелскиот колега Габи Ашкенази. Германскиот министер изрази солидарност со Израел и повика на прекин на огнот со Хамас кој владее во појасот Газа.

„Израел сега го користи тоа право и тоа значи дека не смее да им дозволи на системите кои напаѓаат израелски мети да продолжат да функционираат“, кажа тој, зборувајќи за конфликтот на Израел и Хамас кој почна на 10 мај.

„Дозволете ми многу јасно да повторам, за нас безбедноста на Израел и со тоа безбедноста на сите германски Евреи не е нешто за што може да се преговара и Израел секогаш ќе може да смета на тоа. Но бројот на жртвите расте секој ден и тоа многу нè загрижува“, додаде.

„Затоа ги поддржуваме меѓународните напори со цел прогласување на прекин на огнот и уверени сме, во интерес на населението, дека насилството мора брзо да престане“ вели Мас.

Мас вечерва ќе го прими претседателот на палестинската управа Махмуд Абас во Рамалах на Западниот брег, но нема директно да разговара со Хамас, бидејќи Европската Унија ја смета за терористичка организација.