Поранешниот премиер на Македонија, Љупчо Георгиевски, со контраверзна изјава за бугарски „Дневник“ го критикува европратеникот Ангел Џамбаски за неодамнешните пораки во Скопје при одбележувањето на 95-годишнината од загинувањето на Мара Бунева.

„Кога Џамбаски вели ‘Македонија е бугарска’, заборава дека Македонија во принцип е грчка. Оваа дискусија ја водеа Македонија и Грција 30 години. Бугарија ја немаше никаде во оваа дискусија. Таа доброволно одби да учествува. Нека отиде во Солун или во Кавала да објасни дека Македонија е бугарска“, изјави Георгиевски.

„Луѓето кои се занимаваат со активна политика разбираат дека Џамбаски не ја претставува бугарската држава. Но, оние кои сакаат тензијата да продолжи, токму така го прикажуваат. Тие се повикуваат на фактот дека тој сè уште е европратеник. Ова е одлична храна за сите кои сакаат омразата меѓу Македонија и Бугарија да продолжи и никогаш да не престане“, објасни тој.

„Луѓето треба да разберат дека сто луѓе дојдоа (во Скопје со Џамбаски и со Костадинов – н.з.) од Бугарија, петмина од Македонија. Многу македонски Бугари се срамат да дојдат до Џамбаски. Штета што обичниот граѓанин не разбира дека станува збор за поединец кој прави пиар за себе. Некој нека му објасни: тој никого не го штити со својата политика, само ги загрозува луѓето кои сакаат пријателство со Бугарија“, вели Георгиевски.

Според него, проблемот е што со изјавите на Џамбаски и на сличните на него, „се слуша гласот дека Бугарија не сака само да ги исправи работите од историјата, туку повторно да ја направи Македонија дел од Бугарија. Овде, едноставно, не можете да најдете поддржувачи на таа идеја“.