Георгиевски: Изгледа, за навистина да бидеш Македонец е сто отсто да ги мразиш Бугарите

Лидерот на ВМРО-Народна, Љупчо Георгиевски, им се чуди на сите што не скокаат од радост за Резолуцијата за Македонија на германскиот Бундестаг.

„Резолуцијата на германскиот парламент за потврдување на македонскиот идентитет, јазик и култура по својот формат, содржина и меѓународна тежина е рамна на онаа на Коминтерната од 1934. Вакви акти имаат донесено и Титова Југославија и Димитрова Бугарија, со помала меѓународна тежина, но со конкретна важност за македонскиот народ. За жал, на илинденците не им текна тоа да го побараат од османлискиот султан иако тој ги даваше милетите и без востание и без пари.

И така македонскиот народ сега е за Гинисовата книга на рекорди по ваков тип на специфични признанија на идентитетот. На пример, ни самиот германски народ не може да се пофали со ваков тип на документ, а ниту Англичаните, Французите, Италијанците, а да не ги спомнувам Американците или Канаѓаните.

Сега не можам да се начудам за омаловажувањето и игнорирањето на оваа резолуција од страна на сите оние бранители на македонскиот идентитет. Одеднаш не било важно? Само 5 отсто било тоа???

Изгледа, за навистина да бидеш Македонец е 100 отсто да ги мразиш Бугарите, па макар и на сопствена штета“, коментира на Фејсбук некогашниот премиер на Македонија.