Георгиев: За ДУИ е подобро Алијанса во Влада, отколку силна Алијанса во опозиција

Поранешен пратеник и потпретседател на Социјалдемократскиот сојуз, Гордан Георгиев  смета дека влегувањето на Алијанса на Албанците во влада ќе биде е „полн погодок“ за ДУИ.

„Со тоа се иззема една важна опозициска партија од политичкиот мегдан“, рече Георгиев во синоиќешното издание на „Вин-Вин“ на телевизија „Телма“.

„Ја ставате како јуниор-партнер во владата и практично ја обезличувате идентитетски, што е проблем, особено кога сте долго време на власт, а имате опозиција која што претендира да ве замени. Имаме апсурдна ситуација во која партијата којашто е единствена денеска, беше на советнички листи со СДСМ на последните избори и веројатно тука ќе поентира ДУИ. Алијанса ќе поентира краткорочно. Тие ќе одат со паролата „За европска Македонија“ итн.“, вели Георгиев.

Според него, обидот за собирање доволен број на пратеници за уставните измени и таквиот тип на провокација кон ВМРО-ДПМНЕ, во смисла „еве сме 72-ца, 73-ца, 74-ца, 75, ни фалат уште пет“ и „постојаните ламентирања во јавноста дека ќе ги најдеме, има проевропски парламентарци во ВМРО-ДПМНЕ“, нема да завршат работа.

„Мојата теза е дека без целокупно ВМРО-ДПМНЕ во бродот, ние нема да може да ги направиме уставните измени. И не само што не можеме да ги направиме, туку и не треба да ги направиме“, нагласи Георгиев.