Георгиев: Сакаме протекторат!

Протекторат!?! Да, да, сакаме протекторат! Ни треба заштита од самите себе, вели во колумна за „Вечер“ универзитетскиот професор, и поранешен пратеник на СДСМ.

„Оти само што го превзема кормилото на економскиот владин брод, ветувајќи или најавувајќи дузина краткорочни популистички мерки кои брзо би ги осетиле граѓаните, тоа кормило удри во подводната карпа наречена правна држава. Како што и секојпат претходно сите кормила удирале во истата таа проклета карпа.

Најпарадоксалниот момент е дека денес, единствениот кој буди надеж за санирање на последиците од оваа тешка хаварија која ни се случува е токму премиерот на РСМ. Тоа е толку очајничка позиција за сите нас. Тоа личи на бинго бројчето кое никогаш не се паѓа. Но тоа е така и тука нема иронија. Дали навистина јас го пишувам ова? Надежта последна умира…

Надежта е чудна работа. Таа навистина последна умира, та Исус е највеличествениот доказ дека надежта живее и после смртта. По неколкупати одложената и одложувана смрт на македонското правосудство, нам ни треба нова надеж. Не, тоа не е обична ПР флоскула за да  се купи време. Владата добро знае дека времето е поминато. Сега се спасува она што може да се спаси. Заев кажа дека не сака втор мандат, туку дека е дојден да ги заврши работите. Ете му можност да ги заврши работите и да го исполни својот месијанизам. Не знам што ќе прави и дали знае тоа да го прави, но од денес до последниот ден од својот мандат, Зоран Заев не треба да потроши ниту еден ден за спасување на сопствениот рејтинг или за одржување на подобра позиција на владата или партијата. Наспроти контра-советите што ќе доаѓаат од безмалку сите околу него. Тој треба секој божји ден да го искористи во оправање на државата, и да мисли интензивно и длабински во таа и само во таа насока. Неговите блиски кои се колнеа на верност и катадневно ги покажуваа лузните од борбата де факто го распродаваат на секоја можна тезга. Таму нема што повеќе да бара. А дали на Заев можеме да му веруваме?!? Уф, не знам, надежта последна умира.

Јас уште малку одбирам да живеам во надеж.

Господ да ја чува Македонија, иако ние секојдневно покажуваме дека не сме деца господови, ние сме отпадници од родот свој, пишува Георгиев.