Генијалецот Македон и „генијалецот“ Јетон – Пишува Роберт Димитриевски

Владимир Димитровски, татко на генијалецот Македон, го крена гласот против лажните ветувања за поддршка од државата, дадени лично од министерот за образование Јетон Шаќири. Откако се сликал со нив во својот кабинет, тој им ветил средби еднаш месечно, дека од амбасадите ќе побарал помош за едукација на Македон, ќе формирал комисија што ќе направела програма за надарени деца, ќе анимирал спонзори… И од сето тоа од мај досега излегло едно големо – ништо.

Дотука сè е јасно, освен очекувањето на родителите ветувањето и навистина да биде исполнето. Точно е дека нивното седумгодишно синче е генијалец, за што зборуваат медалите по математика на светски натпревари во конкуренција на повеќе од 4.000 учесници од целата планета. Точно е дека уште на три години решавал задачи со трицифрени броеви, синуси, квадратни корени, без никакво помагало, Точно е и тоа дека чудото од дете учи јазици за миг, галаксиите ги знае до детали.

Супер си е Македон. Арно ама, не е само тој генијалец во оваа држава. Таков е, на пример, токму министерот Шаќири. Станал професор, ни помалку ни повеќе туку на 21 година, а веќе на 33 беше промовиран во министер за информатичко општество и администрација во Владата на Зоран Заев! Стружанецот роден на 17 март 1987 година, од 1 септември 2008 година почнал да предава на Факултетот за економски науки при Меѓународниот универзитет во родниот град, веднаш откако дипломирал на Државниот универзитет во Тетово (2005-2008). И тоа не е сè: во 2010 година станува магистер по економски науки на споменатиот универзитет во Струга, а во 2016 година докторира на Економскиот факултет при Универзитетот во Тирана!

Нека извинат малиот Македон и неговите мајка и татко, ама ќе мора да признаат дека нивното дете има уште многу фурни леб да изеде само за да се приближи, а камоли да ја достигне метеорската образовно-функционерска кариера на Јетон. Таков генијалец еднаш мајка раѓа.

Не, нема ништо спорно со постигнувањата и знаењето на Македон, но можеби има со неговото – име. Да не се разбереме погрешно, ништо не му недостига на името, напротив, преубаво е, ама, брате, им боде очи на овие што ѝ го сменија името на државата Македонија. Плус не (им) помага во евроинтеграцијата условена од Бугарија, која со закана за ново вето настојува Македонците да прифатат дека имаат бугарско потекло и оти јазикот им е западнобугарски дијалект.

Македон е неспорен генијалец и секоја нормална држава, освен што би се гордеела со него, би направила сè за да го помогне неговиот понатамошен развој. Но, не и држава во која на власт се СДСМ и ДУИ на Шаќири. За такви е сосем нормално да биде поддржано со 5.000 евра од државниот буџет дете што пее за УЧК, но не и сестран вундеркинд, со математиката во малиот прст.

Е па, Македон(че) – чорба, што би рекле од „К-15“. За жал, излегува дека се родил на погрешно место во погрешно време. Едно прекрасно суштество, пред кое стојат уште стотици предизвици и победи, како на светските математички смотри, наместо да се посвети на тоа што најдобро го знае, незаслужено трпи неправди во сопствената татковина од погрешни луѓе на вистински места.

Жална Македонијо…