Генералниот директор и Претседател на УО на „Алкалоид“, Живко Мукаетов, зеде учество на настанот „НЛБ Ден на инвеститори“ („NLB Investor Day“), кој се одржува во Народниот театар во Белград од 11 до 13 мај годинава, на кој присуствуваат финансиски експерти, аналитичари, инвеститори, извршни директори на водечки компании во регионот и претставници на медиумите.

Во фокусот на настанот, освен макроекономскиот поглед на регионот, неговата атрактивност како инвестициска дестинација и стратегиите за одржлива иднина, беа претставени и успешните приказни на водечки компании од регионот, меѓу кои и на „Алкалоид“.

Како еден од панелистите на тркалезната маса насловена „Регион на успехот“, каде што секој од учесниците даде свој осврт на регионот како целина, од аспект на потребата од синергистичка стратегија за поголем економски раст и за подобра алокација на ресурсите, во согласност со локалната и со културолошката специфика на секој пазар.

„Насочени сме кон креирање производи со додадена вредност, а за нас регионот е стартна точка од каде треба да се гради глобалната стратегија. И тука, дефинитивно, ни е потребна синергија. Поврзаност можеби е клучниот збор во овој случај. ‘Алкалоид’ АД Скопје има производствен погон во Белград, хемиска лабораторија во Љубљана и тим за корпоративни правни работи во Загреб. Ние креиравме регионална фузија која му оди во прилог на деловниот развој и која ја создадовме сами“, истакна Мукаетов.

Мукаетов потенцираше дека најголем ресурс кој треба да се цени и на чија одржливост треба да се работи се луѓето.

„Човечкиот потенцијал во ‘Алкалоид’ е на врвот на листа на приоритети како највреден ресурс, а промовирањето и афирмацијата на позитивните вредности е веројатно клуч на успехот на секој лидер“, истакна Мукаетов во рамки на обраќањата за време на панел-дискусијата.

Говорници на тркалезната маса посветена на регионот како успешна приказна беа и генералните извршни директори на „Атлантик груп“ – Емил Тедески, „Комтрејд Систем Интегрејшн“ – Душан Милиќевиќ, „Фортенова“ – Фабрис Перушко, „Петрол“ – Матија Битенц, како и членот на ИО на „Делта Груп“ – Андреј Совровиќ и Потпретседателот на „МК Груп“ – Александар Костиќ.

Во рамките на дискусијата за потенцијалот, но и за идниот развој на регионот од аспект на демографските прилики, Генералниот извршен директор на „Атлантик груп“, Тедески, ја сублимираше поентата за адаптирање на пазарните механизми и на понудата според реалните пазарни параметри низ тезата: „Населението ни старее, а со оглед на тоа што ‘Бекутан’ е еден од најпознатите брендови во регионот, потребни ни се што повеќе бебиња!“, со што поттикна позитивна реакција кај учесниците и кај присутната публика.

„НЛБ Денот на инвеститори“ („NLB Investor Day“) е посветен на клучните регионални компании кои испишуваат успешни приказни во регионот. Акцентот е на макроекономскиот поглед на регионот, неговата атрактивност во поглед на инвестициски можности, стратегии за одржлив развој и друго.