Генчовска по изјавите на Ковачевски и Османи: Нашиот став нема да се промени, не сме на фудбалски натпревар

Ставот на Бугарија за почетокот на преговорите помеѓу Република Северна Македонија и ЕУ е јасен и не може да се менува на претстојниот Совет за општи работи, изјави шефицата на бугарската дипломатија, Теодора Генчовска, коментирајќи ја денешната изјава на нашиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, кој рече дека топката сега е во полето на Бугарија.

„Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Бујар Османи, често се појавува во медиумите и постојано зборува. Ова не е тениски или фудбалски натпревар за да зборуваме во кој тим е или на кој терен е топката. Нашиот став е исклучително јасен, имаме национален консензус за оваа тема. Не знам како појасно да му објаснам на господинот Османи“, вели Генчовска.

Бугарската министерка, како што пренесуваат тамошните медиуми, ги отфрлила и обвинувањата од премиерот Димитар Ковачевски дека Бугарија ги зела Република Македонија и Албанија како заложници.

„Тие не го исполнуваат договорот, ни требаат конкретни чекори. Веќе изгубивме пет месеци во разговори и интервјуа. Чекаме да започне реализацијата на договорот“,вели Генчовска.

Ваквите изјави на шефицата на бугарската дипломатија доаѓаат откако денеска и Османи и Ковачевски излегоа со изјави во однос на спорот со Софија. Министерот за надворешни работи порача дека топката е во Бугарија и тие таму треба да ги консолидираат ставовите за тоа што понатаму.

„Ние не работиме на нешто ново од тоа што досега го разговаравме, туку очекуваме Бугарија да има консолидиран став за тоа што понатаму. За жал, комуникација има, но конкретни разговори, сè додека не го чуеме консодилираниот став на Бугарија – нема“, рече Османи.

Линк до целиот текст.