„Еврејските лингвисти не можеле да најдат збор, што најсоодветно би ги опишал страдањата на Евреите од 1933 до 1945 година. Конечно, во некои апокалиптични визии на старозаветните автори пронајден е зборот ШОА, кој опишувал нешто страотно, што не може ни да се замисли, ужаси и злосторства дотогаш недоживеани и невидени. Сега се повампируваат сеништата од минатото и корисно е да се потсетиме на еден од најтешките периоди на современата светска историја, па и на депортацијата на 7.144 Евреи од Македонија, од кои поголемиот дел умреа во злогласните концлогори на Третиот рајх.“ – вели адвокатот Марин Гавриловски во својата колумна со наслов „Шоа“, која ја објави весникот „Слободен печат“.
Покрај другото, Гавриловски пишува: Тоа што е за Евреите шоа, за нас, другите, е познато како холокауст, термин кој го опишува систематското и планско убивање на околу шест милиони Евреи за време на Втората светска војна од страна на нацистичкиот режим предводен од Адолф Хитлер. Злата судбина не ги одмина ниту претставниците на оваа заедница, што со столетија мирно живееја на територијата на Македонија. Беа депортирани 7.144 Евреи од Македонија, а поголемиот дел од нив и ги изгубија своите животи во злогласните концентрациони логори на Третиот рајх. Нивната судбина не ја делат и Евреите од окупираните територии на Јужна Србија, Македонија и Тракија, во Грција.
Бугарската фашистичка власт, на чело со Богдан Филов и цар Борис Трети, дала согласност за потпишување Договор за иселување (депортација) на Евреите од окупираните територии од страна на Бугарија. На 22 февруари 1943 година Александар Белев, комесар за еврејските прашања, во името на бугарската Влада, и Теодор Данекер, претставник на нацистичка Германија потпишуваат Договор за иселување на 20.000 Евреи од окупираните територии. Според овој договор, на 11 март 1943 година бугарската фашистичка војска и полицијата насилно ги собираат Евреите од нивните домови во Скопје, Битола, Штип и во други градови низ Македонија.
Потоа, 98 отсто од вкупното еврејско население од тоа време во Македонија во три одделни транспорти, на 22, 25 и на 29 март 1943 година, организирани од бугарските окупаторски власти, Комесаријатот за еврејски прашања и со логистика на бугарската железница, се депортирани и предадени на нацистите во концентрациониот логор Треблинка. Од сите депортирани само неколкумина, благодарејќи на неверојатната среќа, ја избегнале својата сигурна смрт во логорските комплекси.
Во Македонија оние, кои за време на Втората светска војна беа окупатори и по чија вина беше истребена целокупната еврејска заедница во нашата земја, како и голем број цивилно македонско население, сега, прикривајќи се како жртва, се обидуваат да ги превртат работите наопаку и наместо да се извинат за злосторствата сторени во Македонија за време на Втората светска војна, новосоздадените претставници на бугарскиот народ во Македонија себеси се претставуваат како дискриминирани и обесправени. Ова е ненормално извртување на фактите и претворањето на џелатот во жртва.
Светот оди кон самоуништување и пропаст. Единствениот начин, на кој ќе може да се спасиме, е да го примениме лозунгот изречен од македонскиот револуционерен гениј Гоце Делчев и да го сметаме светот како поле за културен, а никако за воен натпревар меѓу народите. Само така во светот ќе има напредок, а меѓу народите разбирање и добрососедски односи. На крајот само би додал: Смрт на фашизмот, слобода на народот!