Гаши: Не сум во политиката за да си ги полнам џебовите!

Африм Гаши ги отфрла обвинувањата дека неговата партија Алтернатива се пишмани од уривање на Владата за чија интерпелација се потпиша и реши да влезе во неа за финансиски бенефиции.

„Во младоста бев основач на музичката група ‘Празни џепови’ и уште тогаш во интервју на прашањето што очекувам во иднина на музички план одговорив дека не знам што, само знајте дека името на групата нема да се смени. Ниту јас ниту моите сопартијци не сме во политиката за да ги полниме џебовите и се оградувам од таков речник. Мислам дека е многу штетно политичарите да се гледаат како луѓе кои влегуваат во политиката за да си ги наполнат џебовите. Сè додека тоа се смета така во јавноста, и со право во некои аспекти, бидејќи некои политичари дадоа индикации луѓето да мислат така, јас мислам дека работите ќе одат наопаку“, изјави лидерот на помалиот партнер во досегашната коалиција со Алијанса за Албанците.