Директорот на Агенцијата за национална безбедност Виктор Димовски во средата ,,избега” во Брисел за да не дојде во Собранието каде треба да даде отчет за македонскиот пасош за украинскиот Русин со узбекистанско потекло.

Утре Димовски ќе мора да дојде пред членовите на Комисијата за надзор за да ги даде деталите преку кои контроверзниот Онишченко дошол до МКД пасош. Ако не дојде тој ќе признае дека не ги почитува граѓаните кои ги бираат членовите на комисијата но и ќе ги зголеми сомнежите дека во случајот се инволвирани пари, корупција или политичко-мафијашки интереси.

За Димовски е јасно дека ќе се обиде да манипулира и да се вади дека работел во интересите на Македонија и затоа сега главната одговорност е кај членовите на комисијата и нејзиниот претседател.

За безбедносни експерти во интерес на јавноста, Собраниската комисија за надзор на АНБ и АР треба да најде одговори и да констатира дали при вршење на безбедносната проверка се исполнети сите дадени законски можности согласно Законот на АНБ, како и, дали и кој нестручно и несовесно ја извршувал функцијата?

Од досега објавените информации веќе е јасно дека АНБ не ги земала во предвид податоците добиени од јавни извори каде има 2 клучни елементи кои се основа за негативна безбедносна проверка:

1. Потерницата од Украина за обвинението за корупција и перење на пари и
2. Евиденцијата од правосудните органи на САД дека е Онишченко од јануари 2021 до денес е под санкции заради мешање во Претседателските избори во САД 2020 – односно дека на лицето му е дадено македонско државјанство во
период* кога е под и се уште е под санкции на САД.

Споменатиот период се совпаѓа со денот на поднесување на барање за државјанство, постапката за вршење на безбедносна проверка и денот на давање на согласност од Владата на Македонија да му се даде Македонско државјанство.

Делот од јавноста кој е заинтересиран за овој случај а тука се и сите странски служби присутни во Македонија, од Собраниската комисија за надзор очекува да ги дознае одговорите на суштинските прашањата.

Меѓу нив главен акцент треба да се стави на следниве дилеми.

Дали и како се спроведени:
Член 8, став 2 алинеја 1 од Законот за АНБ:
1. Дали, кога и каде е извршен разговор со Олександар Онишченко ?
Член 21 став 3 од Законот за АНБ:
2. Дали разговорот со Онишченко е снимен и записникот е потпишан од Онишченко со цел да се утврди веродостојноста на разговорот?

Според член 21 став 3 од Законот за АНБ, записниците и снимките од разговорот се достапни на барање на надзорните и контролни органи. И затоа Димовски е ставен ,,во ќош”.

Извори во безбедносниот систем кои добро ја познаваат оваа проблематика и прв цедури брифираат дека членовите на комисијата мораат особено да се посветат на биографијата на лицето кое е барател за државјанство за кое може да се претпостави дека има сознанија и податоци од значење за националната безбедност на државата. Попрецизно за можно нарушувања на виталните економски интереси и финансиска безбедност на државата од заканата за прекин на достава на Руски гас, цената на гасот и алтернативни начини за набавка и дистрибуција на гас за потребите на Македонија.

Овие избори сугерираат дека членовите на комисијата мораат да добијат одговор од Димовски за Членот 8, став 2, алинеја 2 од Законот за АНБ односно дали е извршен разговор со Ристо Јосифовски претседател на федерацијата за коњички спортови кој е официјален барател за државјанството на Онишченко.

Според истите добро упатени извори меѓу другите прашања кои мора да му се постават на Димовски се и овие:

– Дали е извршен разговор со Игор Пенов, лице на чија што адреса е пријавен Онишченко?

– Дали е извршен разговор со странски службени лица од Амбасадата на Украина во Македонија во врска со нивната потерница од 2016 за Онишченко за корупција во трговијата и дистрибуира на гас и наводите на Украинската служба СБУ која од 01.12.2016 собрала докази и има истрага и обвинение против Онишченко дека шпионира за Русија?

– Дали е извршен разговор со странски службени лица од Амбасадата на САД во Македонија во врска со улогата на Онишченко во Руската мрежа за мешање во претседателските избори во САД за што од јануари 2021 е под санкции?

– Дали врз оснива на Член 8, став 2, алинеја 3 од Законот за АНБ, агенцијата се обратила до Управата за финансиско разузнавање заради собирање на податоци за потеклото на парите, имотот на Онишченко и движење на негов капитал во странство поради обвинението против него за корупција и перење на пари?

– Дали врз оснива на Член 8, став 2, алинеја 4 од Законот за АНБ, агенцијата применила мерки за тајно собирање на податоци за Олександар Онишченко – лице обвинето за корупција во Украина и лице осомничено за шпионажа во корист на Русија во Украина?

– Дали согласно Член 8, став 2, алинеја 5 од Законот за АНБ, од Димовски и неговите луѓе е побарано полиграфско тестирање за лицето заради потврда или отфрлање на индициите за негова соработка со Русија согласно обвинението на СБУ?

– Дали според Член 52, став 1, алинеја 9 а во врска со член 60 став 7 од Законот за АНБ раководителот на внатрешна контрола има изработено вонреден извештај за начинот на вршење на безбедносна проверка за Олександр Онишченко?

Според член 52 став 1, алинеја 9 од Законот за АНБ, а во врска со член 60 став 7 заради вршење на надзор од собранието, раководителот на внатрешна контрола мора да изработи вонреден извештај и го достави до Директорот и до Собраниската комисија за надзор.

Последното прашање е само хипотетички можно затоа што од август 2019, Виктор Димовски не го спроведува член 53 од Законот за АНБ и нема назначено раководител на внатрешна контрола што имплицира да не се спроведува и членот 54 односно нема кој да поднесе извештај за работата на АНБ до Собраниската комисија, а во случајов и да спроведе контрола за начинот за собирање на безбедносните податоци и информации во врска со позитивната безбедносна проверка за Рускиот државјанин Онишченко.

Не помалку важно според други безбедносни извори е важно:
– дали врз основа на Член 67 став 1, алинеја 7 од Законот за АНБ вработените во агенцијата кои ја вршеле и потпишале безбедносната проверка имаат позитивно полиграфско тестирање за потврда на професионалниот интегритет?

Според членот 67 став 1 алинеја 7 од Законот за АНБ, работниците кои ја извршиле безбедносната проверка мора да имаат позитивна безбедносна проверка за проверка на професионалниот интегритет.

Упатените во оваа проблематика велат дека доколку службените лица кои ја вршеле безбедносната проверка немаат позитивно полиграфско тестирање тогаш таа е компромитирана и основа за констатирање на незаконско работење, пропуст и неправилност во работата на Агенцијата за Национална Безбедност.

Шефот на АНБ кој донесена нога е во Париз како нов македонски амбасадор а со другата на црната листа на САД за давање помош на руски инсталации во Украина утре во Собранието ќе има мачни и тешки моменти ако му бидат поставени сите овие прашања.

Тој утре може да не се појави на комисијата и со тоа да ги потврди сите дополнителни информации за случајот кои ги знае дел од јавноста меѓу нив и авторот на овие редови.

А тие се прилично лоши и за Димовски и за тие што сакаат да го ,,тргнат” во Париз, далеку од најновиот хиперскандал поврзан со еден од најбараните природни материјали деновиве.

Изборот на Димовски е ограничен: да изгори утре или да гори со недели криејќи се од прашањата на кои ќе мора да одговори еден ден. Дали пред јавен обвинител или пред пратеници е изборот што тој го прави вечерва.