Гафот на Ременски и прашањата кои даваат важни одговори за „Рекет“ – пишува Горан Момироски

Македонија и покрај се ќе остане држава со сите атрибути на општество кое има потенцијал на крајот на секоја криза да победи правдата.

Една од причините за ваквата за многумина преоптимистичка теза се луѓето кои што се дел од правосудни органи и безбедносни структури кои што се повеќе се охрабруваат и контактираат со мене и со други новинари.

И притоа укажуваат на аномалии, доставуваат документи и други материјали кои укажуваат на сериозни прекршувања на закони.

И уште поважно, ја откривааат шемата по која функционира македонската мафија која се крие зад плаштот на демек демократски избраните влада и институции.

Без разлика што некои од нив и самите практично до вчера учествувале во овие шеми и што најверојатно многу повеќе се грижат за себе и своите семејства а не за Македонија ги поздравувам сите кои што се обидуваат да помогнат во уривање на системот кој ја урнисува земјата.

Само во текот на вчерашната вечер и денеска повеќе луѓе од институциите меѓусебе неповрзани (некои не ги познавам воопшто) до мене доставија сериозни информации и индиции за противправно дејствување на поединци и институции.

Тоа што го знам во соодветна форма ќе го објавам , се разбира без да им дадам шанса на луѓе како генералниот секретар на Владата Драги Рашковски да поднесуваат кривични пријави кои имаат само една цел , да заплашат и да ги забават процесите.

Притоа се разбира освен ако некој не учествува во нова афера „Големо уво 3“ и ми ги следи комуникациите, никој нема да ги дознае имињата на тие што веќе не можат да ја издржат пресијата и неправдата но и кршењето на законите од страна на функционери и иннституции.

За вечерва само неколку објаснувања и прашања.

Првото се однесува на петочната најава на Јовче Ременски кој е сопруг на потпретседателката на Собранието Фросина Ременска а во моментов е началник на Управата за заштита од тероризам или други активности насочени кон загрозување или уривање на демократските институции утврдени со Уставот на Република Македонија.

Јовче Ременски во петокот објави пораки на Фејсбук кои асоцираа дека Владата најавува апсења од понеделник. Подоцна во текот на ноќта тој со споменување на случајот Афис од 2013 година се обиде јавноста да ја насочи кон тема која не е актуелна а со цел да дефокусира од тоа што ни се случува сега.

За настапот на Фејсбук на Јовче Ременски својот финален збор ќе го даде Внатрешната контрола на МВР која е под прититисок од најмалку две странски амабасади во Скопје кои со нетрпение очекуваат да видат како ќе биде третиран човекот кој како шеф на антитерористичките ресурси на Македонија е главната алка околу која се врзуваат регионалните безбедносни операции на нашите западни сојузници.

Во странските кругови веќе е кренат аларм дали Ременски кој е под директна команда на еден друг висок советник во кабинетот на премиерот Заев може да „пукне“ доколку случајот „Рекет пукне близу неговиот двор“ во кој има свои најблиски луѓе.

Според тоа што го добивам како информација од луѓето споменати на почетокот на овој текст, се освен итна смена на Јовче Ременски ќе значи конфликт на Владата со не само моќни туку и пријателски настроени земји и служби.

Нејсе, тој дел од приказната сега е дел од проблемите на семејството Ременски и СДСМ.

Она што е во моментов односно вечерва најинтересно е кои се апсењата за кои зборуваше Ременски во петокот.

Едно од сценаријата кои веќе се анализираат сериозно од повеќе структури опфаќа повеќе луѓе поврзани со Катица Јанева, Боки 13, и лицата познати како Кики, Фрики, како и други кои во најголем дел и се познати на јавноста.

Според информациите од луѓе во правосудниот систем Ременски во петокот индиректно зборувал за апсење на најмалку еден човек кој не е дел од власта, не е осомничен за давање или примање рекет а бил активен во случајот.

Засега толку со објаснување.

За да не ја загрозиме истрагата и за да почекаме да видиме дали низата средби што денеска се одвивале на повеќе локации низ Скопје ќе го променат текот на „Мастер планот“ според кој утре требаше да видиме лисици, „марици“, и забрефтани телевизиски екипи во драмата која треба да покаже дека власта и обвинителството нешто работат.

Едно од најнновите сценарија во оптек е дека по гафот на Ременски и откривање на информациите во јавноста, „Мастер планот“ да биде одложен на неодредено или да биде драматично променет.

Сега за дел од прашањата кои се легитимни а кои можат и јавноста но и Јавното Обвинителство да ги одведат до некои сознанија како течел целиот или делови од процесот Рекет.

Во исто време овие прашања даваат конечен одговор на уште две многу важни дилеми.

Дали во процесот на (пред)истражни дејствија имало намерни или ненамерни грешки, дали истражителите пропуштиле да направат круцијални процесно-правни чекори со цел истрагата да се забрза (или забави).

Втората дилема која што кај дел од владините кругови постоеше до пред неколку дена а која гласеше „дали е можно истрагата за рекет да се „заташка“, сега е веќе депласирана. Без разлика дали истрагата ќе ја заврши ЈО или друга домашна или странска институција случајот Рекет не може да биде вратен назад.

Сите што биле дел од него без разлика дали се осомничени, оштетени, пријавувачи, истражители, обвинители или друг вид прекршители ќе си го добијат заслуженото, добро или лошо. Во земја во која е очигледно дека се се снима се друго е чист оптимизам без основа.

За вечерва пред утрешните случувања во Јавното обвинителство размислете за следниве прашања за кои ако веднаш на ум не ви доаѓа одговорот ќе почекаме наредните денови да ни објаснат тие што земаат плати за тоа:

1. Што открива вториот објавен лист од записникот за примање на кривична пријава на Орце Камчев?

2. Има ли врска меѓу заканите на Јовче Ременски за понеделнички „Џандар збира“ односно апсење ако се знае дека ОЈО за утре има повикано повеќе сведоци на распит?

3. Дали Ана Камчева е повикана да даде исказ како сведок во постапката знаејќи дека таа исплатила 500.000 евра на Милевски Кичеец и Боки 13?

4. Дали ОЈО прибрала оперативни сознанија за контактите и комуникацијата на Ана Камчева со Катица Јанева преку посебен телефон со кој комуницирала со Милевски?

5. Дали Ана Камчева во ОЈО го предала телефонот НОКИА и сим картата со кој комуницирала со извршителите на Рекетот за да се изврши вештачење ?

6. Кога се случила првата средба меѓу Ана Камчева со директорот на УБК Горан Николовски на која тој и најавил дека ќе преземе мерки?

7. Дали директорот на УБК Горан Николовски по известувањето од Ана Камчева за рекетот, иницирал внатрешна истрага за можна инволвираност неговиот вработен Јовче Ременски и го известил министерот Спасовски ?

8. Зошто и по чиј налог Јовче Ременски го избришал неговиот Фејсбук профил во текот на вчерашниот ден?