Со одбранетите два удара од белата точка во пенал-рулетот, вардаровиот голман Филип Гачевски е најголемиот „виновник“ за триумфот на Вардар на гостувањето кај второлигашот Беса од 6:5 и пласманот во осминафиналето на фудбалскиот Куп на Македонија, откако натпреварот во основниот дел заврши нерешено 1:1.
Михајло Милосавиќ ги доведе „црвено-црните“ во водство во 32. минута од пенал, а само две минути подоцна израмни Арменд Алими, исто така од казнен удар, кој прво му го одбрани Гачевски, но одбиената топка Алими ја спроведе во мрежата.
При изведувањето пенали по завршувањето на мечот на сцената повторно стапи вардаровиот капитен, скротувајќи ги ударите на Христијан Драгарски во третата серија и на Октај Ракипи во шестата, и тоа откако вардарецот Педрињо не погоди во првата.
Други резултати од првото коло: Арсими – Тиквеш 1:2, Башкими – Скопје 5:4 (1:1) на пенали, Коњаре – Шкупи 0:8, Карбинци – Воска 0:10, Кожув – Брера 0:2, Новаци – Брегалница 0:7, Охрид – Детонит 2:0, Тетекс – Работнички 0:3, Влазрими – Пелистер 0:4, Беласица – Гостивар 0:3 (0:0) на пенали, Јанг тим Струга – Победа 4:3 (0:0) на пенали.
Претходно меѓу 16. најдобри се пласираа и прволигашите Македонија Ѓорче Петров, Силекс, Шкендија и Струга Трим лум.