ФТ: Виена пак станува центар на руското разузнување

Виена, град синоним за сомнителни интриги од студената војна, повторно стана шпионски главен град на Европа по руската инвазија на Украина – и се чини дека владата на Австрија не брза да го промени тоа.

По експлозијата во тајните активности, трите најголеми опозициски партии во земјата во пролетта заеднички ги поддржаа законските измени за конечно да се криминализира шпионажата во Австрија. Но, месеци подоцна, нивните напори не стигнаа никаде…, пишува Фајненшнел тајмс (ФТ).


Весникот потсетува дека во Виена се наоѓаат седиштата на неколку големи меѓународни организации, вклучително и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ), ОПЕК и различни агенции на ОН.
Во исто време, земјата „традиционално замижува пред тајните разузнавачки активности на нејзината територија – се додека целта на операциите не е австриската влада“, пишува ФТ.

Еден од изворите на Фајненшнел тајмс во европското разузнавање тврди дека минатата година Австрија станала „вистински носач на авиони“ за нелегални руски агенти. Според него, од почетокот на конфликтот во Украина, европските земји веќе протерале „повеќе од 400 руски шпиони“, додека Австрија се ограничила на – четири.

Друг извор на ФТ истакна дека се’ уште има над 180 акредитирани руски дипломати во Виена, при што најмалку една третина од нив користат дипломатско покривање за собирање разузнавачки информации.

„Тоа е навистина е Див Запад“ , забележува неименуван европски дипломат.

Според весникот, руското разузнавање наводно ја користи Виена за голема операција за електронско следење.
Изворите на ФТ забележуваат дека покривите на секоја руска дипломатска зграда во Австрија се покриени со куполи и настрешници, во кои се скриени шпионски направи.

„Виена е идеален центар за шпионажа и отсекогаш бил“, вели Густав Гресел, виш истражувач во тинк-тенк Европскиот совет за надворешни односи (ЕЦФР).

Австрија е неутрална од потпишувањето на Австрискиот државен договор во 1955 година. Договорот вклучува одредби со кои се забранува земјата да се приклучува на воените сојузи, вклучително и на НАТО и на Варшавскиот пакт, прогласувајќи ја земјата за трајно неутрална.

За време на Студената војна, Австрија служеше како „мост“ меѓу СССР и Западот и место за дипломатски преговори.

Во тоа време, земјата стана клучна локација за шпионски активности: И ЦИА и КГБ ги водеа своите операции во Виена. По распадот на СССР, земјата се приклучи на ЕУ.

Денес, таа има отворени граници со осум соседни држави: Германија, Чешка, Словачка, Унгарија, Словенија, Италија, Швајцарија и Лихтенштајн.