ФТ: Европа ги повторува грешките на Балканот

Европските лидери одново прават грешки на Западен Балкан со третирање на регионот како зафрлено подрачје кое е небитно за суштинските проблеми на ЕУ, или како мочуриште од кое побогатиот и постабилен европски Запад сака да се изолира се вели во авторски текст на „Фајненшл тајмс“.

Иако Европската комисија донесе нова препорака минатиот месец, во европските метрополи се  премислуваат поради антиимигрантските ставови и поради „замор“ од проширување .

„Парламентот на Германија ја одложи одлуката до септември, Долниот дом на холандскиот парламент одби да ги почне преговорите со Албанија. Францускиот претседател Емануел Макрон бара да се обрне внимание на внатрешните реформи на ЕУ и на зајакнување на еврозоната“, а истовремено стравува дека нови преговори за проширување може да се искористат против него дома.

Текстот е посветен на ставот на ЕУ кон Македонија, Албанија и остатокот од регионот, кој сака да се приклучи на европското семејство.

„Сега ЕУ повторно маневрира за да го одложи почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија. По одложувањето минатата година, одново тоа се случи неделава до октомври. Ова одложување е за жалење. Поставувањето на овие земји на патот кон членство не е од витално значење за одржувањето на спроведувањето на реформите, туку исто така и за испраќање на порака до поширокиот регион, дека вратите на ЕУ остануваат отворени “, се вели во написот.

Весникот оценува дека треба да биде награден договор на Грција и Северна Македонија, а  силна поддршка од ЕУ преку отворање на преговорите со Скопје ќе им помогне за зацврстување на тој договор.

За Албанија авторот на написот пишува дека и покрај постигнатиот значителен напредок во реформите, „нејзината мрежа на организиран криминал и понатаму е европски проблем“, а премиерот Еди Рама не ги исполни високите очекувања.

„Ова би можело да биде изговор прво да се отворат преговори со Северна Македонија. Но, временскиот рок не треба да биде премногу долг, бидејќи може да дојде до зајакнување на тензиите во Албанија и меѓу етничките Албанци во северниот дел на Македонија и на Косово“.

„Фајненшал тајмс“ оценува дека почетокот на преговорите за членство, „кои би можеле да траат со години“, би можеле да бидат најдобриот начин да се обезбеди продолжување на реформите.

На крајот се предупредува дека ЕУ во Западен Балкан има ривали како што се Кина, Русија и Турција, кои „сакаат да го прошират своето влијание во регионот, што може да има опасни последици“, оценува  „Фајненшал тајмс“.