Ставот на Бугарската академија на науките дека официјалниот јазик во Република Северна Македонија е писмено регионална норма на бугарскиот јазик е бесмислен, велиакадемик Виктор Фридман, светски признат лингвист и славист за “360 степени“.
„Тоа би било како Данците да кажат дека Норвежаните зборуваат на писмена норма на данскиот јазик, или Швеѓаните да кажат дека норвешки е писмена форма на шведскиот јазик.
Нема врска. Македонскиот јазик е цврсто врзан со западните говори, со елементи од источните говори, исто така од другите говори.
Тоа е како јазичен империјализам и не само спрема Македонија, туку Бугарите ја сакаат цела источна Србија во нивните атласи. Па Косово, дел од Албанија итн“, вели Фридман.
Тој вели дека треба да се држи до европските принципи дека секоја држава има право на свои јазици и вели дека ова е нашироко прифатено од светската научна лингвистичка мисла.
„Разликите меѓу македонскиот и бугарскиот јазик се на секое лингвистичко ниво – фонологија, морфологија, синтакса, семантика, било што. Има разлики меѓу бугарски и македонски јазик, дури и моите пријатели кои многу добро разбираат бугарски јазик, кога слушаат македонски ќе ми кажат – абе Виктор, ова е друг јазик, не го разбирам. Има доста разлики меѓу македонски и бугарски. Човек на кого македонски или бугарски не му се мајчин јазик, ако го знае едниот јазик, нема да го разбира другиот“, вели Фридман.