Величковски: Фрчкоски е тест дали Пендаровски е за галички или северномакедонски кадри

Предлагањето на Фрчкоски е тест дали Пендаровски ќе избира галички или северномакедонски амбасадор во ОН смета екс лидерот на Либералната партија и иницијатор на движењето Нова Република.

На денот кога Македонија за малку можеше да го загуби насилно својот прв претседател Величковски прави анализа на повеќе настани и индикатори за денешните состојби и при тоа инсистира на користење на терминот северна и придавката северномакедонски без да појасни дали се работи за иронија или прифаќање на новото име.

“На 3 октомври се навршуваат 26 години од атентатот врз Киро Глигоров. Случен во мандатот на министерот за внатрешни Љубомир Фркоски, кому тогаш советник во МВР му е Стево Пендаровски.

Интересно е од денешна призма како (и пред и по првичното имплицирање де на бугарски „Мултигруп“, де на албански, па на вмровски националисти) јавната реч зборуваше за „обид за атентат“, а не за атентат врз Глигоров, пред интересот за темата да „замрзне“ со пoследното отворање на истрагата од Ставре Џиков во 2002.

Намерата (за среќа) неуспешниот атентат да се претстави како обид, а не како извршено терористичко дело е еднакво по релативизацијата на неговото имплицирање за грчки „надомест“ за промена на името, што според мемоарите на Глигоров во неговата книга „Македонија е се што имаме“ се случува во претседателскиот кабинет.

„Понудената“ оставка на Фрчкоски по атентатот го трансферира на чело на МНР во „ТАТ-овскиот“ владин кабинет на Бранко Црвенковски кој тогаш како Премиер во 1996 во Владата ги вброи и Хари Костов, Таки Фити и Абдулменаф Беџети.

Влада којашто го водеше процесот на приватизација на фирмите денес концентрирани во структурите на Стопанската комора, чие вечно раководство и перформанси влијаат врз креирањето и на буџетските и економските проекции на националната економија.
Периодот околу и особено по атентатот врз Глигоров е ерата на системската „Хард рок“ рекетаризација, кочанско-франкфуртската мафиизација, „ТАТ/Лавци“ грабежот врз девизите на Македонците заокружен со девалвацијата на денарот и ќотекот врз Албанците во Тетово и особено Гостивар 1997.

Сите овие политички и јавни фигури, перманентно присутни во затворената медиумска сцена на македонски јазик, по 25 години повторно се активни – сега во заговарањето „платформа“ за излез од економската криза, криминализација и масивна корупција на (северно)македонскиот институционален систем – што започна во нивен мандат.

Галичко-реканскиот крај, во потегот од Гостивар до Дебар во СРМ, а и во предвоена Југославија е особено „третиран“ од тогашните власти. Како и струшкиот, кичевскиот, полошкиот, скопскиот и кумановскиот регион, линијата на првично предвиденото разграничување по балканските војни по која се распоредени и Македонци и Албанци, христијани и муслимани.

Низ призмата на Македонија по 1991, линија во која истакнувањето на македонските „мускули“ врз немакедонците од 1981 до 2001 (рушење на ѕидовите пред дворовите на „иредентата“, аферата „Паравојска“, „Битпазар“ 1992, Гостивар 1997, Конфликт 2001), беше и остана единица мерка за докажување на врската на југо-македонизмот со југословенското пансрпство.

И линија која како таква произведе лоби на многу „истакнати“ економски, научни и – политички имиња, кратко „неутрализирани“ во ерата на „либерализмот во ЦК на Крсте Црвенкоски, кој ги насели косоварите во Скопје по земјотресот“.

Затоа, кога Пендаровски ќе одлучува како ќе ги искористи своите уставни надлежности околу (не)именувањето на Фрчкоски во Њујорк, ќе покаже дали е на југо-македонистичка или на нео-македонистичка линија.

На тој начин ќе одговори дали тој (Претседателот на Републиката) и Заев, Шеќеринска, Димитров, Османи (Владата) нешто му должат на Фрчкоски за да го евакуираат во Њујорк, кога во Вашингтон, веќе разбравме, не е посакуван гостин. И дали или колку се имплицирани во Ерменската афера.

Или по дивертирањето на белград-бојсите од Стејт Департментот сега Фрчкоски е потребен за „сува врска“ за нивната политика кон Северна Македонија и просторот под Дрина до Богородица да остане во старо-југословенско, наместо во реално-балканско поимање на Вашингтон кон регионот.

Интересно е, во таа смисла, да видиме зошто за именувањето на новиот Помошник државен секретар на САД за Европски и Евроазиски прашања, Карен Ерика Донфрид пред 5 дена јавија сите регионални медиуми, освен мнозинството од медиумите на македонски јазик.

Незаинтересираноста на опозицијата за ова прашање отвора сомнеж колку по едно вака суштинско прашање кочењето на процедурата се користи само за ситно-партиски договарања.
Посветувањето на Мицкоски, Треневска, покрај на Милошовски на случајот ќе значи дека барем една политичка страна во Македонија има чувство за значењето на моментот.
Во спротивно, се потврдува дека сите актери се дел од истиот ретро-правец, било со постапување или со непостапување. И гарантирање на медиумскиот молк по прашањата од овој текст.

Затоа и не е изненадување незаинтересираноста на јавноста за локалните избори како тема. Тие и онака се завршени и резултатите само ќе покажат кој колку изгубил, а не кој победил. По горните теми се гледа зошто”, пишува Величковски.