Делегација од Амбасадата на Франција, предводена од Н.Е. Амбасадорот Сирил Бомгартнер, оствари работна посета на „Алкалоид“ АД Скопје. Целта на посетата на високиот дипломатски претставник, чиј домаќин беше Генералниот директор и Претседател на УО, г. Живко Мукаетов, е запознавање со резултатите од работењето на компанијата, производственото портфолио и со компаниските пласмани и активности.
Беа презентирани и континуираните инвестиции на „Алкалоид“ низ годините, идните развојни планови, како и големиот број активности и проекти во делот на заштитата на животната средина и наедукацијата, како и проекти за општествена одговорност, како едни од највисоките приоритети во деловната стратегија на компанијата.
Во фокусот на работната средба беа главните стратешки определби на компанијата – нагласената извозна ориентација и глобализацијата на брендот „Алкалоид“. Имајќи предвид дека над 65% од пласманот на производите на компанијата се наменети за извоз, од исклучително значење се зајакнувањето на постојните и проширувањето на новите извозни позиции.
Освен со резултатите од работењето и со идните планови на „Алкалоид“, Амбасадорот Бомгартнер имаше можност одблизу да се запознае и со производствените капацитети на компанијата, со високото ниво на технолошка опременост во Институтот за истражување и развој, како и со стручниот кадар кој управува со процесите во сегментот фармација.
Фaрмацевтскиот пазар во Франција следи строги регулативи, особено кога станува збор за лековите кои се на товар на јавното здравство и кои сочинуваат 30 % од вкупната потрошувачка на лековина тој пазар. Високоразвиената француска фармацевтска индустрија учествува со околу 3 % во вкупното производство на лекови на глобално ниво. „Алкалоид“ има воспоставено долгогодишна успешна соработка со повеќе водечки француски фармацевтски компании, меѓу кои се и глобално познатите Sanofi Aventis, Sanofi Winthrop Industrie, Ethypharm, Saint Gobain и други.
Официјалната работна посета на францускиот амбасадор е од особено значење за компанијата и претставува одлична можност за продлабочување на досегашната соработкаи за изнаоѓање нови форми на синергија меѓу „Алкалоид“ и француските фармацевтски компании.