Во четвртата ноќ од немирите по убиството на 17-годишно момче од страна на полицијата во Франција, опожарени се повеќе од 1.300 автомобили, а на патиштата подметнати 2.560 пожари, соопшти француското МВР.
Според властите, нападнати биле и 31 полициска станица.
Вкупно 1.311 лица биле уапсени синоќа, соопшти МВР, а просечната возраст на уапсените е 17 години.
Оваа бројка е значително зголемување во однос на апсењата претходната ноќ, кога беа 875, соопшти Министерството, но насилството било „помалку интензивно“ од порано. Досега се повредени над 200 полицајци.
Нахел М, 17-годишник со алжирско и мароканско потекло, беше убиен за време на сообраќајна контрола во вторникот во предградието на Нантер.
Тој ќе биде погребан подоцна денеска. Патиштата што водат до погребалното претпријатие и гробиштата ќе бидат затворени, дознава Ројтерс.
Смртта на Нахел ги разгоре долготрајните поплаки од сиромашните и расно мешаните урбани заедници за полициското насилство и расизмот.
Макрон негираше постоење на системски расизам во француските агенции за спроведување на законот.