Во предвечерјето на 120-годишнината од убиството на Гоце Делчев на 4 мај 1903 во селото Баница, Серско, Егејска Македонија, јавноста во Бугарија првпат имаше можност да види фотографија од отворениот саркофаг со посмртните останки на апостолот на македонската револуционерна борба.
„За првпат покажуваме уникатни 52 кадра, кои ја раскажуваат историјата на предавањето од Софија на Скопје на посмртните останки на водачот на ВМОРО, Гоце Делчев, пред 77 години. Фотографиите раскажуваат и за глутницата бугарски и македонски предавници, сите со заеднички бугарски корен“, вели Евгениј Еков, главен експерт во дирекцијата „Централен државен архив“ при Државната агенција „Архиви“, во интервју за бугарската агенција БГНЕС.
Станува збор за уникатни негативи, кои содржат фотографии од пренесувањето на коските на Делчев од Софија во Скопје на 7 и 8 октомври 1946 година.
Саркофагот ги содржи черепот и коските од нозете и од рацете на Делчев. По порачка од властите на НР Македонија е направен нов саркофаг од мајсторот од Дебарската школа, Насте Мирчевски, во кој коските се наоѓаат и денес во камениот гроб на великанот во дворот на црквата „Свети Спас“ во Скопје.
„Иницијативата за предавањето на коските на Гоце Делчев, колку неверојатно и да звучи, не доаѓа од македонска страна, како што е раширено, туку од видниот деец на Бугарската работничка партија (комунисти) и претседател на Илинденската организација, Стефан Аврамов, од Чирпан“, пишува БГНЕС во опширниот напис.
„Еден стопроцентен Бугарин предава на Скопје сруг стопроцентен Бугарин“, додава Еков.
Аврамов ја дал идејата уште во октомври 1944 година, но раководствата на двете земји се усогласиле за тоа две години подоцна.