Се’ поголем број мигранти ги напуштаат своите земји, поттикнати од немилосрдните шверцери и трговци со луѓе, и многумина од нив пристигнуваат на островот Лампедуза, создавајќи многу тешка ситуација за неговите жители, изјави денеска шефицата на Европската комисѝија која е во посета на Италија.
„Премиерката (Џорџа) Мелони и јас сме овде денеска за да понудиме координиран одговор од италијанските и европските власти. Сакам да бидам многу јасна: имаме обврска како дел од меѓународната заедница. Тоа го правевме во минатото, тоа ќе го правиме и денес и во иднина.
Но, ние ќе одлучиме кој и под кои околности ќе доаѓа во Европската Унија, а не шверцерите“, порача Фон дер Лајен.
„Нерегуларната миграција е европски предизвик и потребен е европски одговор. Ние сме заедно во ова. Во овие денови, локалната заедница на Лампедуза продолжи да дава се од себе за да ги поддржи мажите, жените и децата кои стигнаа до овој остров. Оваа неверојатна солидарност го грее срцето и многу е важно да се запамети: Сите што се вклучени – било да се тоа жителите на Лампедуза, локалните власти или мигрантите – се заглавени во оваа ситуација“, порача Фон дер Лајен на заедничката прес-конференција со италијанската премиерка Џорџа Мелони.
Претседателката на ЕК презентираше план од десет точки, кој предвидува поддршка на Италија од Европската комисија, Агенцијата за азил на ЕУ и Фронтекс за справување со приливот на мигранти и нивна регистрација, како и зголемен трансфер на мигрантите од Лампедуза во други земји членки на Унијата во рамки на Механизмот за доброволна солидарност.
