Шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, му го предаде на украинскиот претседател Владимир Зеленски прашалникот за преговори за пристапување во ЕУ.
„Украина припаѓа на европското семејство… И денеска сме тука за да ви го дадеме првиот позитивен одговор“, рече претседателката на ЕК, која е во посета на Киев, цитирана од прес-службата во коминикето од средбата.
Таа нагласи дека предадениот прашалник е „основа за дискусии во наредните месеци“.
„Овде започнува вашиот пат кон Европската унија“, додаде таа, ветувајќи дека ќе направи сè за да го забрза овој процес.
Зеленски ја потпиша апликацијата за членство во ЕУ на 28 февруари. Следниот ден Европскиот парламент ја поддржа резолуцијата со која на Украина ѝ се доделува статус на земја-кандидат.
Молдавија и Грузија поднесоа слични апликации на 3 март.