„Фолксваген“, најверојатно, ќе ја изгради својата фабрика за нови автомобили во турскиот град Измир, објави германскиот „Ханделсблат“.
При изборот на место за изградба на новата фабрика главниот услов е да се изгради во земја со ниски плати и добри комерцијални можности. Унгарија и Полска брзо отпаднаа од листата и како потенцијални остануваат Романија, Србија, Бугарија и Турција.
Според првичните информации, конечниот избор ќе биде Турција, иако политичката ситуација во земјата е комплицирана, но неколку фактори влијаеле врз одлуката на експертите, меѓу кои и оној дека Владата во Анкара е подготвена да инвестира неколку стотици милиони евра за изградба на фабриката.
Тој износ ќе покрие голем дел од планираните инвестициски трошоци, проценети на 1,3 милијарди евра, пишува БГНЕС.