На малата Тамара Димовска, која почина пред пет години, ѝ биле обезбедени и решение, и пари за лекување во болницата „Медипол“ во Турција, но нејзината мајка не го подигнала решението од Фондот за здравство и сакала да бара медицински азил во Германија или во САД.
Вака сведочеше на денешното рочиште вработен во Фондот за здравство, Бранко Аџигогов, кој на судењето беше предложен како сведок на одбраната на поранешната директорка на ФЗОМ, Маја Парнаџиева-Змејковска.
Според неговото сведочење, мајката на девојчето, Жаклина Димовска, побарала средба со директорката на Фондот и на 21 јануари 2015 година дошла во канцеларијата во Фондот и се сретнала со Аџигогов. На оваа средба тој ѝ го покажал позитивното решение за лекување на малата Тамара, која имаше тежок облик на сколиоза, за во болницата во Турција, но мајката се распрашувала дали може операција да биде направена во Чикаго или во Германија, каде што Димовска сакала да побара медицински азил, бидејќи и нејзината помала ќерка има срцева маана. За неа имала закажано операција во приватната кардиохирургија „Жан Митрев“. Оваа операција за второто дете рекла дека ќе ја плати приватно, бидејќи немале здравствено осигурување!
„Кога ја прашав зошто немаат здравствено осигурување, ми кажа дека таа и сопругот си дале отказ од работа и дека убаво живееле од парите од донации“, сведочеше Аџигогов, како што пишува „Фокус“.
Љубомир Михајловски-Џанго, адвокатот на Маја Парнаџиева вели дека со ова сведочење се случил пресврт на судењето.