,,Како Арсовска со навреди и закани ја терала извршната директорка да си оди од ССК” е насловот на текстот во печатеното издание на неделникот Фокус во кој е објавени детали за истрагата на Јавното обвинителство во која на распит е повикана и скопската градоначалничка Данела Арсовска.

Фокус успеал да направи увид во полицискиот записник во кој се објаснети сите случувања што му претходеле на палењето на автомобилот на извршната директорка на Сојузот на Стопснски Комори каде Арсовска долги години била прв човек додека не стана градоначалничка на Скопје.

Според записникот кој го пренесува Фокус, Арсовска од својот мобилен телефон преку апликацијата „Сигнал“ и испратила неколку пораки на извршната директорка, во кои прво на покултурен начин бара од неа и од претседателот да ги напуштат раководните позиции, а подоцна почнува со навреди и закани.

„Фокус дојде и до испратените пораки од страна на актуелната градоначалничка.
Пред четири месеци „Фокус“ објави дека актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска, на 12 мај годинава била повикана на разговор во полициска станица за опожареното возило на извршната директорка на Сојузот на стопански комори, Кристина Стојановиќ.
Како што веќе објавивме, извршната директорка, само 15 часа пред да и биде запалено возилото на крајот на февруари, добила заканувачка порака, која и била оставена во автомобилот, во која се барало веднаш да го напушти ССК, зашто во спротивно животот ќе и стане пекол.
„Имаш рок до четврток. Фино и културно. Ако не напуштиш, животот пекол ќе ти стане. Ќе ве масакрираме“, се наведуваше во пораката.
Понатаму, од тоа што е наведено во пораката, може да се сфати дека тој што и ги упатува заканите, и дава последна опомена да се повлече од раководното место, со оглед на тоа што не „послушала“ во изминатиот период од кога било побарано од неа.
Заплетот на приказната, кој завршува со запалено возило во скопски Аеродром, почнува многу порано, поточно уште во декември лани, кога од раководството на Сојузот на стопанските комори било побарано да поднесат оставки и да ги напуштат функциите.
Се почнува со телефонски повици од непознати лица и писма со смртни закани упатени на првите двајца луѓе во бизнис – комората, претседателот Трајан Ангеловски и Стојановиќ. Раководните структури поминале голгота за целиот овој период, како што велат, исполнет со страшни трауми.
Запаленото возило требало да втера страв во коски и да ја постигне замислената цел – првите луѓе да го напуштат кормилото на бизнис комората!
Осум месеци по подметнатиот пожар во автомобилот, отворен е предмет во Јавното обвинителство, каде што се уште работат на случајот” пишува Фокус чии извори тврдат дека тие располагаат со фотографии, пораки, телефонски повици, како и со последната порака оставен во веќе опожарениот автомобил, со која се дава, како што пишува „последната опомена“ пред да биде запалено возилото.

Тоа според неделникот веќе на некој начин било и остварување на досегашните закани.
Кривичната пријава, која моментално се води против непознат сторител, опфаќа две кривични дела, и тоа „Загрозување на сигурноста“ според член 144, како и „Предизвикување општа опасност“.

Повеќе детали во печатеното издание на неделникот Фокус.