ФК Тетекс: Дали во 21. век е нормално само поради тоа што сме Македонци да немаме право на двата градски стадиона во Тетово?

Фудбалскиот второлигаш Тетекс јавно се пожали за дискриминација на Македонците во Општина Тетово во однос на користењето на стариот и на новиот градски стадион за тренинзи и натпревари исклучиво од Шкендија.

„Ја користиме оваа прилика за да ја запознаеме пошироката јавност дека во моментов на стариот градски стадион, но и на новиот градски стадион, ФК Тетекс, ФК Љуботен и ЖФК Љуботен немаат право на нивно користење, тренинзи, одигрување натпревари во лигата од засега непознати причини! Екслузивно право на користење на двата стадиони има само ФК Шкендија!


Се прашуваме, дали во 21-от век е нормално само поради тоа што сме МАКЕДОНЦИ кои живеат во Општина Тетово да немаме право на тренинзи на природна трева?

Со месеци, односно поточно од февруари навака одржани се неколку состаноци со градоначалникот и со челниците на општинската власт, но, од нив нема никаков договор и реализација на нашите барања.

Низ историјата, без никакви проблеми, со меѓусебна координација, сите клубови тренирале и ги играле своите натпревари на овие два стадиони. Денеска, наместо да се работи на што погоема кохезија кога е спортот во прашање, очигледно некои работаат на тоа македонските клубови да се дестабилизираат и дефоксуираат од целта. Во истиот контекст, сакаме да потенцираме дека на стариот градски стадион се наоѓаат и нашите простории, соблекувална, простор за перална и слично, а тренинзите и натпреварите се играат на стадиончето на АМС, на вештачка трева. Чиста небулоза!

Па оттука сакаме да прашаме: Дали Шкендија е единствен клуб од Тетово кој има право на ова или се игра некоја дргуа игра во позадина?

Апелираме до општинските власти за итно свикување на заедничка средба на сите тетовски фудбалски клубови и под нивно покровителство итно да се изнајде решение за овој проблем, без никој да е оштетен. Во спротивно, ќе бидеме принудени да повикаме на протести се додека не обезбедиме фундаментално право за спортот и развој на спортскиот дух кај младите“, стои во соопштението.

ФК Тетекс на 23 февруари годинава наполни 70 години од основањето, а некогашниот текстилен гигант чие име го носи клубот го изгради Градскиот стадион во Тетово, на кој сега настапува само Шкендија. „Штофарите“ се освојувачи на два Купа на Македонија, а во сезоната 1981/82 играше и во Првата сојузна лига на Југославија.

ФК Љуботен е најстариот фудбалски колектив во Македонија, формиран на 28 март 1919 година, моментно дел од Третата македонска лига – Запад.

ЖФК Љуботен во сезоната 2021/22 ја освои својата прва шампионска титула во Првата женска фудбалска лига на Македонија, а во минатата сезона и двојната круна, откако триумфира и во Купот на Македонија.