Лошите економски политички, економската и здравствената криза го фрлија бизнисот во немилост на власта предупредуваат експертите. Ширењето на даночната основа, укинувањето на најголемиот дел од субвенциите и воведувањето на нови давачки, заедно со најавеното зголемување на минималната плата најавува уште една нова тешка година за македонските компании.

Гацов вели дека главен проблем не само за бизнисот туку и за целото општество не е тоа што ќе се плаќаат повеќе давачки кон државата, туку тоа што државата го нуди како услови за тие пари. Зголемените давачки според него не ја исклучуваат можноста и за раст на сивата економија и затоа предлага колку што е можно повеќе, готовите пари да се исфрлат од промет.

Новите давачки треба да ја подобрат финансиската слика на државата која во моментов е на најлошо ниво во својата историја. Дека е така најдобар податок е јавниот долг на Македонија кој за само 3 години скокна за речи си 2 милијарди евра и во моментов Македонија должи над 7 милијарди што претставува над 60% од нејзиниот бруто домашен производ.
За да се дојде до пари, Владата веќе го стокми новиот солидарен данок кој ќе им откине уште 10% од профитот на најуспешните компании.

За фирмите кои лани направија милиони на пазарот со електрична енергија и кои во најголем дел ги поседуваат луѓе кои важат за блиски до владејачките партии, а често и членови на нивните најтесни семејства,  владата не најде начин да им ги оданочи профитите кои ги направија токму поради нарушениот пазар.