Финскиот претседател Саули Ниинисто во телефонски разговор со Владимир Путин објаснил дека Финска ќе се стреми кон членство во НАТО и дека на одлуката влијае и војната на Русија во Украина но се зема предвид и позицијата на Москва за непроширување (на Алијансата -н.з.).
Ниинисто нагласи дека со влезот во НАТО, Финска би ја зајакнала својата безбедност, но во исто време не се откажала од обврските кон другите земји, пренесе Еј-Би-Си њуз..
„Во иднина, Финска сака на фер и професионален начин да ги реши практичните прашања кои произлегуваат од нејзиното соседство со Русија“, се вели во официјалното соопштение за печатот објавено од кабинетот на шефот на финската држава.
Не е прецизирано на чија иницијатива биле одржани разговорите, но се цитира дека Путин рекол дека „напуштањето на традиционалната политика на воена неутралност би било грешка, бидејќи нема закани за безбедноста на Финска“, се вели во извештајот на прес-службата на Кремљ.
Шефот на руската држава, исто така, предупреди дека одлуката на Финска да влезе во НАТО „може да има негативно влијание врз руско-финските односи“.
