Фински Турку од сабота ги враќа ковид-тестовите на аеродром за патниците од Скопје

Почнувајќи од сабота 2 јануари, на аеродромот во финскиот град Турку повторно ќе бидат правени тестови за Ковид-19 за патниците што ќе пристигнат од Скопје, по отсуството на таквата пракса за време на божикните празници.

Здравствените власти во Турку денеска донеле ваква одлука по негативните реакции во јавноста. Весникот „Хелсингин саномат“ извести дека патниците што пристигнале од Скопје со последните два лета не биле подложени на ковид-тест, при што во едниот авион имало 21 патник, а во другиот 65.

Летот од 19 декември беше првиот по обновата на авионските врски со главниот град на Македонија откако Финска ја симна привремената забрана од почетокот на ноември поради тоа што кај над 80 патници беше детектиран коронавирус на летовите од Скопје од летото дотогаш. На наведениот лет од 19 декември четворица од 42 патници имале позитивен тест.

На патниците сега им се бара негативен ПЦР-тест пред да се качат на авион во Скопје, но и покрај тоа ќе бидат тестирани при слетувањето во Турку.