Филипче: Вирусот се шири, ако треба – ќе има нови мерки

Министерот за здравство „во оставка“ денеска предупреди дека во моментов е присутна широка инфекција на коронавирусот и дека, доколку има потреба , ќе има и нови анти-ковид мерки.

„Вирусот во моментов има широка инфекција, во постојана координација и комуникација сме и со епидемиолозите, остануваме да ја следиме ситуацијата и доколку е потребно да се дејствува со нови мерки тоа ќе го направиме“, соопшти Венко Филипче на Фејсбук.

Според него во ковид центрите има доволно кревети за хоспитализација на пациенти, но и дека во периодот што претстои „може да биде зголемена потребата од хоспитализации, што бара сериозен пристап и коориднација која успешно се менаџира. Дополнителни капацитети за лекување пациенти со ковид има и истите може да се стават на располагање во секој момент“, објави министерот.

Филипче утрово имал редовна координација со директорите на Клиниките околу болничките капацитети, состојбата на болните, актуелната епидемиолошка состојба.