Филипче: Ако има потреба, пак ќе воведеме рестрикции

„Повторно ќе воведеме рестикции согласно бројот на новозаразени. Ќе се анализираат бројките во текот на престојниот викенд и ќе ги носиме одлуките.

Засега се уште нема потреба, но доколку постои потреба повторно ќе воведеме нови мерки. Засега најмногу заразени има во четири скопски населби и тоа Сарај, Чаир, Бутел и Аеродром“, рече министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција.

Тој потврди дека бројот на новозаразени лица со коронавирус во последните 24 часа бил 52, а дека починале 4 лица.

„Има концентрација на случаи во скопските општини Сарај, Чаир, Бутел, Гази Баба и Аеродром. Новодијагностицираните пациенти се заразиле кога имаше строги рестриктивни мерки. Има информации за граѓани што и со решение за самоизолација шетаат надвор. Барам поголема ажурност од страна на МВР за контрола и санкции. Продолжуваме активно да ја следиме состојбата“, рече Филипче.

Тој исто така потенцираше дека во Тетово не се почитуваат самоизолацијата, носењето маски и дистанцата, а во Штип не се почитуваат правилата за транспорт, особено на работничките по текстилните фабрики.