На утрешен ден пред десет години беше испишана една од највеличествените страници во историјата на македонскиот (екипен) спорт, кога кошаркарската репрезентација на Македонија го „нокаутира“ домаќинот Литванија и се пласира во полуфиналето на Европското првенство.

Печат врз триумфот од 67:65 над трикратниот европски шампион стави Владо Илиевски со тројката за пресврт и погоденото едно слободно фрлање во последните 11,3 секунди од драматичната завршница пред 15 илјади гледачи во „Жалгирис арена“ во Каунас.

Токму Илиевски е авторот на антологиската изјава „леле луѓе што направивме“ дадена по најголемиот успех за македонската кошарка во „понеделникот за паметење“, за кој потсети официјалниот налог на ФИБА за Евробаскет.